Руска наука и емиратски пари: Како настана легендарниот „Панцир С1“?

Wikipedia
Конструкторското биро во Тула беше творец на голем број советско и руско вооружување кое влезе во легендата во токот на Студената војна, но и на такви кои сè уште масовно се применуваат на боиштата ширум светот. Меѓу нив е и „Панцир С1“, систем за противвоздушна одбрана со ракети земји-воздух со комбиниран краток и среден дострел.

Овој завод се прослави со моќните противтенковски системи „Фагот“, „Метис“ и „Корнет“ со кои достигна слава како што не постигнал никој во светот. Сепак, со распадот на Советскиот Сојуз без оглед на огромниот научен потенцијал и на бројните започнати проекти, заводот се најде во криза, пред сè од финансиска природа. Претходната економија на СССР не функционираше според правилата на пазарната економија, ами според нарачки. Заводите го правеа она што им беше наложено од страна на министерството за одбрана. Со наглата измена на парадигмата во одбранбено-индустрискиот комплекс целото стопанство доби шок-терапија. Многу заводи поради негрижа или речиси плански исчезнаа од мапата на Русија или се најдоа во процес на прилагодување. Многу пропаднаа, чекајќи интервенција од врвот, но не и заводот во Тула.

Во периодот пред распаѓањето на СССР заводот започна со развој на системи кои ќе бидат способни да уништуваат крстосувачки ракети – нисколетачки цели кои од голема оддалеченост и надвор од дострелот на ПВО може да дејствуваат по стационарни објекти во самата територија.

Овој проблем се јави како акутен по „Пустинската бура“, американска операција против Ирак каде крстосувачките ракети „томахавк“ ја покажаа својата висока вредност. Против нив немаше ефикасна одбрана, поголемиот број стасуваа до целта. Успешно со нив се носеа само преносните ракети, но само под услов да се поставени директни на траекторијата на крстосувачки ракети, што беше сосема слаба заштита. Системите „Тунгуска“ за трупна заштита не можеа ефикасно да ја исполнуваат целта за заштита на стационарните објекти од стратешко значење.

Иницијатор за создавање нов систем со цел одбивање масовни напади на крстосувачки ракети беше главниот конструктор Аркадиј Шипунов. Но, она што ја одложи претходната реализација на овој и на многу други проекти беше големата финансиска криза. Долгот на државата кон заводот во Тула во 1994 година изнесуваше 20 милијарди рубли. Единствен изглед за преживување даваше извозот на вооружување и барањето финансиска поддршка од странски партнери. Со одлука на државата во 1996 година на заводот му е дадено право за прекугранична соработка, а од 2000 година со одлука на претседателот ова право е уште повеќе раширено.

Аркадиј Шипунов

Конечните физички контури системот го доби во текот на 1994 година. На јавноста ѝ беше претставен за првпат на аеромитингот МАКС-1995. Конструкторите на „Панцир“ излегоа во јавноста со високи карактеристики на системот за кои ретко кој можеше да поверува, До овој стадиум системот беше во целост финансиран со средства на заводот во Тула. Армијата на Руската Федерација одбиваше да го прими комплексот во вооружување. Еден од изговорите за одбивање беше тоа што „Панцир“ сè уште немаше можност за дејствување во движење.

Се чинеше дека историјата на „Панцир“ е завршена.

Пет години подоцна сосема неочекувано заводот во Тула доби исклучителна понуда од Обединетите Арапски Емирати кои сакаат да купат практично од сè уште „непостоечкото“ оружје и тоа во големи количества. Арапските купувачи сакаа да купат 50 системи „Панцир“ за сума од близу 800 милиони американски долари (заедно со ракетите), но бараа дополнителен услов, а тоа е да основните карактеристики на системот да се подобрат.

Дострелот на системот во далечина изнесуваше 12 километри, за на крајот од 1999 година да биде зголемен на над 20 километри. Новите модернизации на кои импулс им дадоа парите од странство резултираа со практично создавање нов систем. Работата над системот траеше сè до 2006 година кога тој доби одобрение за финално тестирање на познатиот полигон Капустин Јар.

Во јули 2006 година на конструкторите им беше поставена тешка задача. Војската подготви тест со напади на тринаесет беспилотни цели и ракети кои доаѓаа од непознати правци и во непознати временски интервали. Системот беше тестиран до крајните граници. Првите цели беа поразени со ракети на оддалеченост поголема од 15 километри. Со оглед на тоа дека целите пуштени во салви со помал број успеа да пријде на комплексот на помала оддалеченост, по што 2 топа од 30 милиметри ги уништија и нив. Сите 13 цели со дејствување на само еден систем „Панцир С1“ беа уништени. Сите на земјата беа восхитени, но најмногу претставниците на војската на ОАЕ кои рекоа дека нити една демонстрација со толкава ефикасност не виделе во животот.

Златната доба на „Панцир“ започна.

Првите системи беа поставени на борбено дежурство, штитејќи ги системите С-300, покривајќи ја таканаречената „мртва зона“ (потенцијалната последна фаза од летот на крстосувачките или на антирадарските ракети кои би се пробиле најблизу до системот со голем дострел). Панцир ја „затна“ и оваа дупка.

Набргу започнаа да стасуваат нарачки од целиот свет. 50 системи со 1.000 ракети најпрво им беа испорачани на ОАЕ кои со своите пари одиграа голема улога во развојот на системот. Потоа се редеа купувачите: Сирија, Алжир, Оман, Ирак.

Борбена примена системот „Панцир С1“ имаше во сирискиот конфликт во кој се покажа како исклучително ефикасен, особено за време на најголемиот напад со 105 крстосувачки ракети од кои „Панцир“ урна 23. Системот покажа голема ефикасност и за време на одбивањето на нападот на руската база Хмејмим со ултрабавни импровизирани дронови. На Запад не постојат слични аналози на овој систем, што беше видно од војната на Арабија против Јемен, каде Хиутуте и севернојеменската војска редовно гаѓаа постројки во Арабија со летала со ултрамала брзина.

Наводна „дамка“ на ефикасноста на системот фрли Израел кој во масовен ракетен напад успеа да фати два системи „Панцир“ во момент на неактивност и тоа беше претставено како медиумски спектакл. Ваквите тврдења ги отфрлија повеќе стручњаци кои ја разбија израелската пропаганда. Случаите кога два системи беа погодени во два огромни напади на израелската авијација не беа активни и ги испукаа сите ракети. Значи на Израел му беше потребно од дистанца да дејствува со над 60 ракети за да успее да го обезбеди продорот на еден „спајк“ лансиран од Голан кој го погоди системот во фаза на полнење. Ваквиот начин на дејствување не е применлив во воздушна кампања која подразбираше регионална војна. И за време на одбивањето на бројните напади на Израел од дистанца „Панцир“ покажа исклучителна ефикасност, соборувајќи голем број израелски крстосувачки и антирадарски ракети.

Очигледно е дека системот „Панцир С1“ го чека светла иднина и дека стана руски извозен бренд кој непрекинато доживува нови модернизации и претставува еден од системите од чии испораки Америка страшно се плаши зашто учествува во создавањето на А2/АД зона која го затвора пристапот на американската авијација, а со тоа ја спречува и директната американска интервенција чија воздушна надмоќ е предуслов.

Прочитајте повеќе: Руските научници го подигаат 96К6 „Панцир-С1“ на уште повисоко ниво

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња