„Со Русија е потпишан договор за набавка на ракети Р-27 од класата „воздух-воздух“ кои ќе бидат во вооружувањето на ловците Су-30МКИ од составот на индиското воено воздухопловство“, се наведува во текстот кој се повикува на извори од индиската влада.
Позната е и вредноста на овој договор која ќе изнесува околу 15 милијарди рупии (околу 218 милиони американски долари), пренесува порталот „Бог-рата“.
Р-27 спаѓа во советските ракети од класата „воздух-воздух“ со среден дострел.
Кога оваа ракета се појави во војската, евидентно беше дека станува збор за оружје кое е пред своето време, изјави за интернет-порталот „Известија“ поранешниот командант на 4-та воздухопловна армија на ВВ и ПВО на руската армија и Херој на Русија генерал-потполковник Валериј Горбенко. Токму поради тоа оваа ракета и понатаму се наоѓа во вооружувањето бидејќи има голем потенцијал за натамошно унапредување, т.е. модернизација.
„Се работи за ракета која е конструкциски извонредно решена и која се карактеризира со многу сигурна боева глава. Самонаведуваната боева глава може да се модернизира со употреба на модерна технологија, што значително ја зголемува нејзината прецизност. А по зголемувањето на силата при нејзиното лансирање, зголемен е и нејзиниот ефективен дострел“, смета рускиот генерал.
Модернизираните ракети Р-27 добија обновен систем за управување и наведување. Современата електроника овозможува побрзо и поквалитетно зафаќање на целта, што му овозможува на пилотот повеќе да се посвети на управувањето со авионот. Ракетата се наведува на целта со помош на радарска глава за самонаведување, во автоматски режим на работа. Покрај овој режим на работа, постои и можност за полуавтоматско наведување на целта, при што во целата операција на гаѓање се вклучува и пилотот. Покрај тоа, за самата ракета е развиен нов тип на гориво, што ќе ѝ даде зголемен енергетски потенцијал. Модернизираната ракета Р-27 ќе може да соборува крстосувачки ракети, како и ловци од петтата генерација. Нејзиниот ефективен дострел ќе изнесува преку 100 км.
Благодарение на своите конструкциски предности, ракетата Р-27 значително ја надминува американската ракета AIM-7 Sparrow, додека според своите летечко-технички карактеристики може да се споредува со новите модели американски ракети од класата „воздух-воздух“ AIM-120C.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче