Какви „тајни“ ракети прави Русија за своите борбени хеликоптери?

Виталиј В. Кузмин
Рускиот воено-индустриски комплекс долго време развиваше наведувани, високопрецизни оружја, но сега фокусот е врз ненаведувани ракетни зрна за хеликоптери.

Двата нови типови муниција ги добија називите „Бронебојшчик“ („Противоклопник“) и „Монолит“, јавува ТАСС. Тоа ќе бидат наведувани и ненаведувани ракети со калибар 130 мм, направени за уништување на авиони во бункери од армиран бетон, како и за дејство по специјално заштитена техника и непријателска жива сила.

Ќе бидат достапни во разни варијанти со дострел кој ќе варира од еден до четири километри. Покрај тоа, како што изјави извор на Russia Beyond од воено-индустрискиот комплекс, во овој момент секоја од нив може да пробие до шест метри тло, како и армиран бетон со дебелина до еден метар.

Ракетите ќе бидат претставени некаде околу 2020 година, иако овој рок би можел да биде продолжен до 2020 – сѐ зависи од текот на воените испитувања и унапредувања во работилниците на производителите, смета нашиот соговорник.

Производителите исто така работат на извозните варијанти на овие боеви глави. Тие нема да се појават пред премиерното усвојување на основната верзија од страна на Министерството за одбрана на Русија.

Историјат на ненаведуваните ракети во Русија

Последниве години Русија интензивно ги развиваше своите високопрецизни оружја: крстосувачки и балистички ракети со различен дострел. Сето тоа е оружје кое може да се „втера низ прозорецот“ на непријателот, но на вистинското боиште, лавовскиот дел од „работата на теренот“ ја извршуваат борбените хеликоптери со ненаведувани проектили.

Москва првпат користеше ненаведувани ракетни зрна (НРЗ) во текот на операциите во Авганистан од 1979 до 1989 година. Беше доволен еден прелет на борбените хеликоптери Ми-24 или јуришниците Су-24 со полни товари муниција за таквите ракети па уништувањето на противничките позиции да биде загарантирано, без оглед на нивната  големина.

Секој таков проектил би пикирал од висина од километар и половина, а само една боева глава на наједноставните ракети од типот С-8 буквално ја пржеше земјата, ги сечеше војниците и техниката на непријателот, а шрапнелите ќе се разлетаа во радиус од 15-17 метри.

Таквата муниција, како и тактиката на нивната примена, можеше да се види и во неодамнешните војни. На пример во Сирија, каде  борбените хеликоптери Ми-24 и Ка-52 ги користеа како средства за разбивање на терористичките позиции и тешката техника пред доаѓањето на руските специјални единици и сириската регуларна војска.

Меѓутоа, технолошкиот развој и безбедносните закани бараат Русија пред сѐ да инвестира во модернизација на своите стратешки сили, и тоа на нуклеарното оружје и високопрецизните системи (крстосувачките и наведуваните ракети). Ефикасноста на последниве се покажа и во текот на операциите на САД и НАТО на Блискиот Исток. Затоа наведените „ненаведувани“ ракети останаа во позадина. Макар што и не е чудно, затоа што тие и како такви беа сосем доволни за исполнување на своите задачи.

Прочитајте повеќе: „Бронебојшчик“ ќе го десеткува секој непријател

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња