„Научниците од СПбПУ конструираа ракетен мотор за вселенски летала заснован на забрзување на јоните во новата конструкција. <...> Големата брзина на млазницата го обезбедува потребниот потисок со штедлива потрошувачка на работната супстанца. Така количината на работната супстанца ќе биде доволна за управуван лет кој може да трае десет и повеќе години“, се наведува во документот на информативната служба на СПбПУ, пренесува ТАСС.
Во таквиот мотор резервираната работна супстанца се јонизира, а електричното поле ги забрзува добиените јони така што тие достигнуваат брзина од неколку десетици километри во секунда. Потоа јоните се неутрализираат и истрелуваат во вселенскиот простор, создавајќи млазен потисок. Таквиот мотор е универзален во поглед на горивото и може да работи дури и на реголитот на Месечината или песокот на Марс. Со тоа ќе се овозможи дополнување на горивото во вселенските апарати за време на експедициите без преоптоварување на вселенскиот брод и без да се скрати нивниот престој во космосот, се истакнува во соопштението.
Според еден од авторите на овој проект, професорот на СПбПУ Олег Цибин, научниците примениле универзална технологија: се формира наелектризирана честичка и се забрзува со помош на електрично поле. „За такво нешто може да биде погоден прилично широк спектар на работни супстанции во гасовита, течна и цврста состојба. Потребните технологии можат да се моделираат и апробираат во големите вакуумски комори на Земјата“, ги наведува информативната служба зборовите на Цибин.
Универзитетот заедно со огледно-конструкторското биро „Факел“ (Калининград) и Военокосмичката академија „А. Ф. Можајски“ вршат тестирање на пробниот примерок на овој мотор во услови слични на условите на летот. Поднесени се три патентни пријави, а еден патент е веќе заштитен.