Екстремно проодна хаубица-минофрлач: Откриени податоци за мистериозното самоодно орудие „Магнолија“

Од слободни извори
На 5. Меѓународен Воено-технички саем „Армија-2019“ беа објавени тактичко-техничките карактеристики на мистериозното руско самоодно артилериско орудие „Магнолија“. Овие информации ги објави корпорацијата „Уралвагонзавод“ во својот најнов проспект.

На почетокот на мај оваа година, на интернет-ресурсите се појави фотографија од непознато самоодно средство, монтирано на шасијата високопроодното возило на гасеници ДТ-10МП од семејството возила „Витез“. Куполата со вооружување од љубопитните очи на бројните посетители беше скриена со непроѕирна цирада. Меѓутоа, уште тогаш воените експерти ја дадоа својата претпоставка за тоа што всушност станува збор. Имено, тие сметаат дека новото самоодно орудие е вооружено со борбена купола каква што користат самоотките 2С31 „Вена“ чие орудие 2А80 со калибар 120 мм обединува хаубица и минофрлач. Подоцна се покажа дека биле во право, пренесува интернет-порталот РГ.

Како што може да се види во проспектот, се работи за самоодното орудие „Магнолија“, направено од компанијата АО „ЦНИИ Буреветник“ од Нижни Новгород. Неговата основна намена е борба против различни цели на копно, како што се висопрецизни артилериски орудија, непријателски утврдувања, неговата жива сила и оклопна техника.

Самоотката „Магнолија“ ќе има своја примена во составот на артилериските минофрлачки единици кои се наоѓаат на многу непрооден и комуникациски сиромашен терен, како што е случајот со северот на Русија.

Ефективниот дострел на распрскувачко-разорната граната испукана од ова средство изнесува 8500 метри, додека високопрецизниот проектил има дострел до 10000 метри. Распрскувачко-фугасната мина (се мисли на минофрлачка мина – заб. на прев.) ќе има дострел до 7000 метри. Брзината на гаѓање изнесува до 10 проектили во минута. Аглите на вертикалната елевација на орудието се движат во опсег од --5 до +80 степени, додека во хоризонтален правец куполата може да ротира во целосен обем од 360 степени. Борбениот комплет на возилото се состои од 80 проектили со калибар 120 милиметри. Екипажот се состои од четири члена.

Екстремно проодните гасенични возила од семејството „Витез“ без поголеми проблеми можат да совладуваат многу тежок терен кој е покриен со дебела снежна покривка и снежни наноси, како и тешко проодно мочурливо земјиште кое е преполна со кал и тиња, а кое стандардната борбена техника не може да го совлада. Според руските воени експерти, ваквиот тип на мобилна платформа драматично ја подобрува целокупната мобилност на овие сили, а со тоа и борбениот потенцијал на руските артилериски единици кои се наоѓаат на изолиран терен.

Инаку, ова возило е конструирано пред 30 години и постојано се модифицира. Се работи за гасенично возило составено од два споени отсека поврзани со карданско вратило. Го напојува дизел мотор кој генерира моќност од 710 КС, кој може да оваа грдосија натрупана со товар (максимална носивост до 30 тони) да ја придвижи и до 45 км/ч, што за Арктикот е многу висок показател. Последниот новитет на креаторите на „Витез“ претставува борбена блиндирана платформа на која може да се монтира оружје. Тоа се модификациите ДТ-30ПМ-Т1 и ДТ-30ПМ-Т2 кои се специјално проектирани за интеграција на противвоздушните системи со мал дострел „Панцир“ и „Тор“.

Прочитајте повеќе: Каде ќе удри, трева не расте: Најразорниот руски артилериски систем

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња