Руските падобранци во своите раце ќе имаат смртоносен цвет: Се појави првата фотографија од „Лотос“

Youtube
ЦНИИТОЧМАШ објави фотографија од перспективното самоодно средство „Лотос“. Неговиот изглед е прикажан со други орудија на календарот на институтот за новата 2019 година. Никогаш досега не се објавувани јавно фотографии од новото артилериско самоодно средство кое ќе се десантира од авиони и огнено ќе ги поддржува падобранските состави на руската армија.

 „За конструирање на нова борбена техника, особено кога се работи за артилериско средство, неопходно е да се поседува развиено ниво на инспирација. Секој развоен инженер и конструктор во својата фантазија мора да има слика на новото средство и пред тоа конечно да се направи. Конкретно, што се однесува до овој проект, главната инспирација се црпеше од неговото име што го претставува цветот лотос. Оваа билка, и покрај својата надворешна убавина, расне во многу тешки услови. Тоа е совршена комбинација на убавина, грациозност и непобедливост. Амфибиското десантно артилериско средство „Лотос“ е конструирано според принципот на „златен пресек“ каде високите балистички карактеристики на орудието и ефикасноста на артилериската муниција ќе бидат максимално усогласени“, рече еден од развојните инженери во овој проект Дмитри Мелихов, пренесува информативниот сајт РГ.

Во октомври 2018 година почна склопувањето на првиот опитен модел на перспективното десантно самоодно средство. Тоа ќе го замени својот претходник – артилериското авиодесантно самоодно средство „Нона“¹ кое се наоѓа во состав на руските Воздушно-десантни единици. Тоа ќе биде опремено со универзално орудие со калибар 120 мм, но со подобрени карактеристики во однос на 2А51 кое се наоѓаше на „Нона“. Судејќи според фотографијата која е објавена на новиот календар на концернот ЦНИИТОЧМАШ, „Лотос“ ќе има ново хидраулично потпирање со променлив клиренс, што ќе ја зголеми проодноста на ова средство надвор од патиштата. Ова ќе го поседуваат сите мобилни десантни средства кои ќе се најдат во единиците на ВДВ. Државните тестирања на новото самоодно средство ќе почнат годинава, а неговото испитување ќе биде реализирано во ар со средството за борбено управување „Завет-Д“.

Заедно со перспективното авиодесантно самоодно средство „Лотос“, на календарот на институтот ЦНИИТОЧМАШ се најдоа и полуавтоматскиот минофрлач „Нона-М1“ со ожлебена цевка, митралезот „Печенег“, бесшумната автоматска пушка „Вал“, подводната автоматска пушка АПС, универзалната автоматска пушка за специјални операции СР3-М „Виор“ , борбената униформа „Ратник“ и компактниот автомат со голема брзина на стрелба СР2МП „Вереск“.

Институтот ЦНИИТОЧМАШ е составен дел на корпорацијата „Ростех“. Неговата основна дејност е развој и испитување на стрелечко и артилериско оружје и орудија, муниција, системи за управување со високопрецизно оружје, перспективни борбени униформи. Неговото седиште се наоѓа во Подолск.

¹Руската армија, поточно нејзините воздушно-десантни единици во својот состав имаат околу 750 единици САУ „Нона“, од кои 250 се во оперативна состојба. Вооружен е со артилериско средство 2А51 со кал. 120 мм кое има карактеристики на класичен топ, хаубица, но и на минофрлач. Значи може да дејствува со директна, но и со уфрлувачка траекторија карактеристична минофрлачите и хаубиците. Покрај стандардната палета муниција, може да истрелува и прецизна муниција „Китолов“ и „Грањ“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња