Како што соопшти информативната служба на концернот РОСТЕХ, самоодното борбено извидувачко возило е направено на шасија на оклопниот автомобил „Тигар“. Неговата оптоелектронска компонента е способна да открие различни видови на цели на растојание и до 10000 метри. За операции на извидување на поголеми растојанија, возилото може да го употреби и беспилотното летало кое се наоѓа во комплетот на неговата опрема. Податоците за новооткриени цели се собираат во командниот пункт, а интегрираниот систем на командување во автоматски режим на работа го наведува оружјето кое ги елиминира на далечини до 1500 метри, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
Од РОСТЕХ, исто така, велат дека автомобилот успешно го комплетирал блокот тестирања, каде што ја добил целата потребна документација за извоз, а почнал да се испорачува и во единиците на Росгвардија.
„Самоодното борбено-извидувачко возило може да креира дигитална мапа на теренот на кој се наоѓа и во режим на реално време во неа да ги интегрира сите откриени цели, а потоа да ги уништи. Една од основните предности на употребата на оваа технологија е рационализацијата на потрошувачката на енергија, како и намалувањето на обемот на неопходната опрема која обично оди со возилата од овој тип“, изјави за интернет-порталот ТАСС еден од водечките луѓе на РОСТЕХ Олег Евтушенко.
Од перспективните средства прикажани на Меѓународниот воено-технички саем на оружје и воена опрема „Армија-2019“ беа прикажани и беспилотно летало во вид на був, новото руско беспилотно летало „Корсар“ и борбениот модул „Нарцис“. Посебно е интересен проектот за дрон нано-извидувач развиен од инженерите на технополисот „Ера“. Ова минијатурно беспилотно летало ќе биде прикажано во две варијанти.
Прочитајте повеќе: Ростех“ го покажа дронот „Корсар“ на саемот „Армија 2019“