„Ростех“ го покажа дронот „Корсар“ на саемот „Армија 2019“

Антон Тушин/Ростех

Холдингот „Роселектроника“ првпат отворено го претстави летечкиот модел на извидувачкиот дрон „Корсар“. Премиерата на ова беспилотно летало се одржа на меѓународниот воено-технички саем „Армија-2019“, што се одржува во Кубинка кај Москва од 25-30 јуни  оваа година.

Во состав на комплексот „Корсар“, кој го направи конструкторското биро „Луч“ од холдингот „Роселектроника“, влегуваат неколку летечки апарати и еден копнен контролен пункт. Дронот е направен за воздушно извидување на терена во сите климатски услови, за патролни и надзорни летови, како и за воздушно фотографирање. Неговата маса изнесува 200 килограми, распонот на крилата е 6,5 метри, а должината на трупот е 4,2 метри.

„Корсар“ е во состојба да лета на висини од преку 5000 метри, што го прави недостапен за малокалибарско оружје и многу видови  портабл-рачни системи за противвоздушна одбрана. Економичниот мотор на „Корсар“ му овозможува да помине во воздух до осум часови. Информациите кои ќе ги собере дронот се обработуваат и пренесуваат до копнените системи во реално време.

„Системот е направен врз база на отворена архитектура, што ја прави модернизацијата за решавање различни специфични проблеми едноставна. Конструкцијата на беспилотното летало опфаќа иновативни авиоинженерски решенија кои му даваат предности во контекст на маневарбилноста, висината и далечината на летот. Особено системот за генерирање енергија, далечинско стартување на моторот и електричниот регулатор на моторот ги надминуваат беспилотните летала од оваа класа според цела низа параметри“, рече извршниот директор на државната корпорација „Ростех“ Олег Евтушенко.

Освен за воена намена, „Корсар“ може да се користи и за решавање цивилни задачи – за надзор на теренот, состојбата на патиштата, состојбата на инфраструктурата, спречување шумски пожари и пронаоѓање и спасување луѓе во вонредни состојби.

Погледнете го видеото: Најновото руско ударно беспилотно летало „Корсар“ непогрешливо ги гаѓа целите

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња