Премин од мал во среден дострел: На саемот „Армија-2019“ ќе биде прикажан новиот „Панцир-СМ“

Виталиј В. Кузмин
На петтиот Меѓународен воено-технички саем на оружје и воена опрема „Армија-2019“ воените специјалисти и посетителите ќе се запознаат со најновиот производ на домашната воена индустрија - хибридниот ракетно-топовски систем за ПВО со мал/среден дострел „Панцир-СМ“. На претходните воено-технички изложби овој систем беше демонстриран во скриена форма, поточно покриен со заштитна цирада.

„Панцир-СМ“ претставува капитална модернизација на рускиот противвоздушен ракетно-топовски систем со мал дострел „Панцир-С1“, пренесува порталот marsonline. Верзијата што ќе ја носи ознаката „СМ“ ќе користи нова ракета со зголемен дострел, како и нов радар со активна фазна решетка. Покрај зголемениот дострел, овие ракети ќе постигнуваат поголема брзина на движење и ќе имаат подобри параметри на прецизност.

Благодарение на овие подобрувања „Панцир-СМ“ ќе може да соборува воздушни цели на далечини и до 40 километри, што двојно ги надминува борбените можности на неговата основна верзија. Исто така, со интеграцијата на новиот радар¹ значително ќе биде зголемена зоната на детекција во откривањето на воздушните цели, која ќе изнесува повеќе од 75 км.

Претпоставката е дека оваа верзија на системот ќе биде специјализирана за борба против различни типови беспилотни летала, вклучувајќи ги и оние со исклучително мали димензии.

Покрај ракетите со кои е опремен овој систем, ги има и спарените автоматски топови 2A38 со кал. 30 мм и брзина на стрелба од 5000 гранати во минута. Борбениот комплет на еден „Панцир-СМ“ се состои од најмалку 1500 гранати подготвени за употреба. И за овие топови руската воена индустрија развива ново семејство на распрскувачка муниција опремена со паметни запалки. Таа ќе се активира во непосредна близина на откриените беспилотни летала и други летачки објекти, како што се, на пример, крстосувачките ракети. Благодарение на интензивното и густо расејување на фрагментите на проектилите по експлозијата, се смета дека оваа муниција ќе има исклучително висок степен на ефикасност. Во секој случај, далеку поголем отколку што тоа е случајот со денешните гранати.

Ефективниот дострел на овие топови ќе достигнува 4000 метри. Покрај цели во воздухот, овие топови ќе можат да се употребуваат и за огнено дејство по копнени цели како различни оклопни средства од лесна и средна категорија (оклопни автомобили и транспортери).

Новиот „Панцир-СМ“е монтиран на шасијата на оклопното возило K-53958 „Торнадо“ (8х8). Како што наведуваат специјалистите, се работи за погабаритно возило со маса од 21000 килограми, со носивост од 22000 килограми. Се напојува со дизел мотор кој генерира 450 коњски сили. Преносот е автоматски.

Максималната брзина на ова возило по добро уреден пат достигнува 90 км/ч. Тоа може да совладува различни природни и вештачки пречки на патот (карпи, ѕидови, ровови). Оклопот на кабината може да задржи панцирно-запалив куршум Б-32 истрелан од снајперска пушка СВД. Исто така, значително е зајакнат и подот на возилото кое може да издржи експлозија на нагазна мина или импровизирана експлозивна направа еквивалентна на 2 килограми ТНТ.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу неодамна изјави дека унапредениот „Панцир-СМ“ ќе биде готов до крајот на 2021 година, кога и се очекува негово постепено воведување во вооружувањето на руската армија.

-----------------------------------------------------------------------------

¹ Серускиот научно-истражувачки институт за радарска техника (ВНИИРТ) започна проект за модернизација на радарскиот комплекс кој се наоѓа во состав на хибридниот ракетно-топовски систем „Панцир-С1“. Главната задача на овој проект за модернизација е зголемување на способностите за откривање и зафаќање на типичните и атипичните модели на беспилотни летала кои се наоѓаат во вооружувањето на современите армии.

Погледнете го видеото: Противвоздушниот систем „Панцир-С1” на гаѓања покажа снајперска прецизност

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња