Руските медиуми минатата година го објавија текстот на поранешниот началник на Главниот штаб на Ракетните сили за стратешка намена (1994-1996) генерал-полковник Виктор Есин во кој се вели дека системот „Периметар“ би можел да стане неефикасен во случај на распоредување на новите американски ракети на територијата на Европа.
Меѓутоа, во разговор со новинарите на РИА „Новости“ генералот нагласи дека неговиот коментар е погрешно интерпретиран од страна на нестручни лица во смисла „додека системот „Периметар“ да реагира и почне да дејствува, ние ќе останеме на минимален број ударни средства, поточно ние ќе можеме да одговориме со мал број ракети кои ќе го преживеат главниот удар на агресорот“. Според него, на крај испаднало дека проблемот е во системот „Периметар“, што воопшто не е точно.
„Всушност, нашиот систем е целосно способен да ја изврши својата главна задача, а тоа е обезбедување за повратен нуклеарен напад врз цели на агресорот, во речиси невозможна ситуација. Друго прашање е колку ќе нашиот повратен удар ќе биде ослабен доколку агресорот нападне прв и притоа успее да уништи голем број стратешки нуклеарни средства“, нагласува Есин, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
„Да се разбереме, во овој момент системот е „модернизиран, целосно оперативен и ефикасен“, нагласува поранешниот руски генерал.
Генералот се залага за доктринарна промена на начелата на примена на стратешките нуклеарни сили, кои досега се потпираа врз дефанзивна стратегија на повратен удар. Имено, доколку САД почнат да ги распоредуваат своите офанзивни ракети со среден дострел во близина на руските граници (Европа), нивните намери ќе бидат кристално јасни и Русија во тој случај мора да има разработена стратегија за превентивен нуклеарен удар, категоричен е Есин.
„Периметар“ ја презема функцијата за управување над сите постојни потенцијали на тнр. „нуклеарна тријада“ во случај на уништување на централната команда (политичкиот и воен врв на државата), што е последица на превентивен нуклеарен удар од страна на агресорот. Тој има задача да реагира и да изврши одмазда врз непријателски цели во случај на комплетна деструкција на командната линија како последица на масовен атомски удар. Неговиот зафат во однос на тоа прашање не е парцијален/дозиран, туку тотален.
Според Есин, главната задача на „Периметар“ е гарантирано да обезбеди извршување на масовен повратен удар во услови кога апсолутно ништо не функционира повеќе. Оттука и називот „Мртва рака“, како што може да се слушне на Запад.
За карактеристиките и функционирањето на овој систем нема многу податоци. Целиот систем се наоѓа под превезот на најстрога воена тајна, што е и логично. На сите дефинитивно им е познато дека системот е проектиран на начин да реагира 100% во случај на нуклеарен армагедон предизвикан од ненадеен напад на агресорот со неколку илјади боеви глави. Советските/руските научници при неговата изградба вложија максимални напори за да ја обезбедат оваа клучна способност.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче