Руски генерал: Системот за масовен возвратен удар 15Э601„Периметар“ е потенцијално неефикасен

Руска тешка балистичка ракета Р-36М2 „Војвода“

Руска тешка балистичка ракета Р-36М2 „Војвода“

Слободан Ѓукиќ
Поранешниот началник на Главниот штаб на Ракетните сили за стратешка намена (1994-1996) генерал-полковник Виктор Есин во интервјуто за интернет порталот „Ѕвезда“ објасни зошто рускиот автоматизиран систем за возвратен удар познат како „Периметар“ може да се покаже како бескорисен во случај на поголем конфликт.

Според мислењето на рускиот генерал, овој систем кој на Запад се нарекува Dead Hand (мак. „Мртва рака“), може да ја изгуби својата  ефективност по излегувањето на САД од Договорот за ликвидација на ракетите со среден и мал дострел.

Зошто?

Во овој момент, нагласува генералот, системот ја помина модернизацијата и се наоѓа во оперативна функција, но додека „тој донесе одлука да дејствува, ние можеме да изгубиме голем број ударни средства, поточно ние ќе можеме да употребиме онолку преостанати ракети кои го преживеале првиот удар на агресорот“, загрижено констатира Есин (генералот всушност предупредува на бавното донесување извршни одлуки на „Периметар“ поради новонастанатите околности но и комплицираната техничка процедура при активирањето на овој систем – Заб. на прев.).

Според генералот, излегувањето на САД од Договорот за ликвидација на ракетите со среден и мал дострел всушност и има за цел на територијата на Европа да се распоредат балистички ракети со среден дострел. „Во првиот удар Американците со помош на овие ракети можат да ги уништат повеќето наши ракетни инсталации во европскиот дел на Русија, а остатокот да го пресретнат со помош на противракетните системи кои се насочени кон излезните траектории на нашите балистички ракети“, предупредува рускиот генерал.

Есин потенцира дека Русија во овој момент мора итно да ја ревидира својата воена доктрина и да почне со производство на балистички ракети со среден дострел. Според неговото мислење, производството на овие ракети може да почне во многу краток временски рок врз база на тростепената интерконтинентална балистичка ракета „Јарс“.

„Да бидам искрен, ние во овој момент немаме ефикасен одговор на појавата на американските ракети со среден дострел кои би биле распоредени во Европа. Доколку САД почнат да распоредуваат свои ракети по Европа, нам не ни преостанува ништо друго освен да се откажеме од дефанзивниот концепт на возвратен удар и да преминеме на концепт на превентивно-офанзивен удар“, категоричен е Еесин.

Тој забележува дека во Русија технолошкиот напор е насочен кон развојот на хиперсонично оружје, каде Западот и понатаму нема адекватен одговор, поточно „каска“ зад Русија.

„Во овој момент е најважно да изградиме систем составен од хиперсонични средства заради способност за изведување на молневит удар врз непријателот. Колку е „пострашно“ вооружувањето со кое располагаш, толку е поголема гаранцијата дека нема да дојде до воен конфликт“, заклучува на крај поранешниот началник на Главниот штаб на Ракетните сили за стратешка намена (РВСН) генерал-полковник Виктор Есин.

Прочитајте повеќе: Како Русија планира да реагира на нуклеарен напад за само 30 минути

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња