Како Русија планира да реагира на нуклеарен напад за само 30 минути

Getty Images
Да се евакуира претседателот, да се вклучи „Мртва порака“ и да се заштити населението.

Одрекување на одговорноста: Мора да постои план кој пропишува како да се дејствува во случај на нуклеарен напад, но Министерството за вонредни состојби на РФ проценува дека е мала веројатноста за таков напад врз големите руски градови.

***
Откако во 1945 година светот за првпат виде како дејствува нуклеарното оружје, лидерите на многу држави почнаа да прават детални планови за дејствување на земјата во случај на нуклеарен напад.

План направија и Русите. Врз основа на слободните извори, информациите од медиумите и од официјалните документи ги реконструиравме само првите триесет минути од тој план.

18:00

За време на Студената војна главен нуклеарен противник на Русија беа САД. Дури и денес, кога опасната нуклеарна конфронтација остана во минатото, теоретичарите на завери проценуваат дека евентуален нуклеарен напад на Русија може да биде извршен во 18 часот. Тогаш во Америка е утро, а во Москва се приближува вечерта и поголемиот број жители низ сообраќајниот метеж се обидуваат да се вратат дома.

18:01

Веднаш по лансирањето на нуклеарната ракета, рускиот систем за рано откривање на нуклеарни напади испраќа сигнал на командниот центар за противракетна одбрана. Сложениот систем радари и сателити ѝ соопштува на воената команда од каде е лансирана ракетата, нејзината брзина и патеката. Воедно и го проценува времето кога треба да стаса до целта.

18:02

Доколку воените извори потврдат дека Русија е навистина изложена на напад од интерконтинентална балистичка ракета, власта и народот имаат на располагање само 30 минути да се подготват за нуклеарен удар, и тоа доколку ракетата е лансирана од американскиот континент. Доколку е лансирана од подморница во водите на Северниот леден океан, тогаш имаат многу помалку време. Излишно е да се зборува дека во случај на незамисливо страшен нуклеарен тероризам тоа време би изнесувало само неколку секунди.

18:05

За тоа време војската веројатно веќе започнува со евакуација на претседателот и на другите високи функционери на безбедно место.

Точната локација на тоа место е државна тајна, но ние знаеме дека претседателот има на располагање неколку патишта за евакуација.

Јавноста во овој поглед е најдобро запознаена со авионот кој се нарекува „Суден ден“. Станува збор за моделот Ту-214СР кој според функцијата е сличен на претседателскиот авион, Целта е врховниот командант да се тргне што подалеку од опасните положби и да има стабилна врска со вооружените сили.

Како што се наведува, Кремљ има на располагање три авиони од типот „Суден ден“. Тие чинат вкупно 130 милиони евра.

18:10

Во овој момент претседателот може да донесе одлука да се вклучи фамозниот „Периметар“. Станува збор за сосема автоматизиран систем за управување со масовен нуклеарен удар, познат под називот „Мртва рака“ поради својата морничава улога. Имено, овој систем е задолжен да обезбеди повратен нуклеарен напад, дури и во случај раководството на државата да ја изгубило контролата и не може да издаде команда, или ако никој не останал жив за да нареди повратен нуклеарен напад.

18:11

Системот „Периметар“ извршува сложен процес на мониторинг на сеизмичката активност, радијацијата и атмосферскиот притисок, врз основа на што се детектира нуклеарната експлозија на територијата на Русија. Тој, исто така, започнува да го следи интензитетот на воената комуникација како сигнал за висока борбена готовност кој неизбежно ќе уследи по нуклеарниот напад.

18:12

Владата веројатно ќе биде евакуирана заедно се претседателот. Русија, како и САД (каде континуитетот на власта е обезбеден со однапред дефинирано сценарио), има дефинирано правило на преземање на врховната власт во земјата доколку вршителот на должноста претседател не е во можност да ја извршува таа должност.

Премиерот на Русија е првиот човек кој го зазема местото претседател и тој веројатно ќе биде евакуиран заедно со останатите министри и со другите цивилни и воени функционери кои се овластени за управување со земјата во вонредна состојба.

Локацијата на овие скривалишта е државна тајна. Сепак, добро се знае дека во Москва има многу различни скривници, од кои голем дел се направени во времето на Јосиф Сталин.

Некои од нив, како што е „Бункер-41“ на метро-станицата „Таганскаја“ не се актуелни и сега служат како знаменитости за туристите и за љубителите на подземните тунели и простории. Но, многу други места се останати недопрени.

Таинствениот проект со шифра Д-6, попознат како „Метро-2“ ги подгрева гласовите за тајни патишта за евакуација на високите државни функционери.

18:15

Цивилното население исто така треба да биде благовремено известено за нападот. Министерството за вонредни состојби на Руската Федерација е задолжено за логистика во случај на нуклеарен напад.

Во таа ситуација ова министерство помага во евакуацијата на населението од големите градови во селата, но таа стратегија изискува претходна подготовка и не може да биде реализирана за кусо време. Многу е пооправдан планот на министерството кој е поврзан со користењето на масовните атомски скривници.

Московското метро е можеби најдобар пример за таква структура. Тоа за вкопано доволно длабоко за да обезбеди заштита од нуклеарна експлозија, а многу станици имаат заштитни херметички врати и филтри за воздух.

Владата има подготвено специјален план што го има одобрено Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура каде се дефинира лимитот на масовно влегување на народот во метро во случај на вонредна ситуација (вклучувајќи и нуклеарен напад врз Русија). „Предвиденото време во кое граѓаните треба да ги пополнат станиците и тунелите по сигналот за цивилна заштита треба да изнесува 10 минути“, се наведува во овој документ. Во определени случаи ова време може да изнесува 15 минути.

Секако, јавноста веројатно ќе биде благовремено известена за нуклеарниот напад врз земјата, така што сите ќе можат да ги искористат овие скапоцени 15 минути. Сепак, државниот норматив овозможува масовни криење во скривниците за покусо време.

18:30

За ова време претседателот, и владата, и воениот врв на земјата, како и обичните граѓани треба да бидат подготвени за напад и скриени во воздух, во скривници или во метро.

Преживеаните ќе морат да се ориентираат во свет кој никој никогаш го нема видено.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња