Руските Воздушно-космички сили (ВКС) на територијата на Казахстан успешно ја тестираа новата ракета за системот на противракетна одбрана (ПРО). Ова во своето соопштение го објави руското Министерство за одбрана, пренесува интернет-порталот ТАСС.
„На воениот полигон Сари-Шаган (Република Казахстан) единицата на ВКС за противвоздухопловни и противракетни дејства успешно ја тестираше новата ракета која е наменета за рускиот систем на противракетна одбрана“, се наведува во соопштението.
Како што соопшти заменик-командирот на ангажираната единица за ПРО на ВКС полковник Владимир Сергиенко, зборовите објавени од Министерството за одбрана на РФ можат да се потврдат. „Новата ракета-пресретнувач на системот за ПРО по серијата тестирања во целост ги потврди своите тактичко-технички карактеристики и успешно ги реализираше сите задачи, така што ја неутрализираше условната цел со зададената прецизност“.
Од Министерството за одбрана на РФ напомнаа дека системот за противракетна одбрана е оперативен во руската армија и дека е наменет за одбрана на руската територија од воздушно-космички напади.
Воздушно-космичките сили веќе извршија серија тестирања на новите ракети-пресретнувачи на воениот полигон Сари-Шаган. Слично тестирање последен пат беше реализирано на 1 декември 2018 година. Како што неодамна објаснија од ВКС, овој полигон е специјализиран за тестирања од ваков тип при кои се оценуваат техничките карактеристики на новите ракети-пресретнувачи, вклучувајќи и тестирања на нови модели на ракети-пресретнувачи со краток дострел.
Од министерството, се разбира, не открија за која конкретно ракета станува збор, туку по обичај ја информираа заинтересираната јавност за спроведената активност.