Русите лансираа противракетен пресретнувач чија проектирана брзина ќе изнесува 36.00 км/час (ВИДЕО)

Youtube
На специјалниот воен полигон за испитување перспективни ракети Сари-Шаган лансиран е модернизиран пресретнувач наменет за одбрана на Русија од интерконтинентални балистички ракети кои доаѓаат од космосот.

Руската војска успешно изведе експериментално лансирање на модернизираниот противракетен систем на воениот полигон за испитување ракети Сари-Шаган во Казахстан. Ова го соопшти Министерството за одбрана, а го пренесе Интернет-порталот ТАСС.

„На полигонот Сари-Шаган (Република Казахстан) ракетните екипажи на противвоздушната и на противракетната одбрана кои се наоѓаат во составот на Воздушно-космичката војска, успешно реализираа уште едно експериментално лансирање на модернизирана ракета-пресретнувач“, се наведува во соопштението.

Како што нагласи командирот на противракетната единица Сергеј Грабчук, чија изјава ја пренесуваат од информативната служба на Министерството за одбрана „Оваа ракета-пресретнувач која е конструирана за систем за противракетна одбрана во целина ги потврди сите свои карактеристики и успешно ја исполни својата задача, уништувајќи условна цел со зададената прецизност“.

„Испитуваната ракета ќе биде интегрален дел од перспективниот противракетен комплекс А-235 „Нудољ“.

„Станува збор за мобилен комплекс за противракетна одбрана кој ќе овозможи борба против различни видови интерконтинентални балистички ракети вооружени со термонуклеарни боеви глави на речиси целиот ракетно-одбранбен простор над Руската Федерација“. За разлика од сличниот комплекс А-135 „Амур“, кој главно е наменет за да ги брани најважните економско-индустриски центри како што се Москва, Санкт Петербург и слични, А-235 е проектиран да ја брани целокупната територија од напад со атомски боеви глави.

Ракетите се наоѓаат на транспортните платформи кои се слични и кај комплексот за стратешка намена „Топољ-М“. Претходно овие ракети беа стационирани во ракетни силоси, што во голема мера ги намали нивните оперативно-тактички можности. Кога овој систем ќе се усвои во вооружувањето и кога ќе започне неговото сериско производство, се очекува до 2025 година првиот ешалон на одбраната да ги покрие сите ракетни коридори од стратешко значење на територијата на Руската Федерација, и со останатите линии на одбраната да ги направи практично непробојни.

Тестирањата покажаа дека овие ракети за време на лансирањата за мошне кратко време достигнуваат стравотна брзина од најмалку три километри во секунда (3.000 м/сек.), што е за неколку пати повеќе од брзината на куршумот кој се испукува од автоматска пушка. Според податоците на руските воени експерти се очекува противракетниот болид-пресретнувач за комплексот А-235 „Нудољ“ да оствари брзина од приближно 10.000 м/сек. (36.000 км./ч.).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња