Непробојна тврдина: Нѐ очекува динамичен развој на руската ПВО во следната деценија

Wikipedia
Руската армија за своите потреби повеќе нема да ги купува системите С-400 „Триумф“. Следната набавка ќе биде составена од перспективните системи од новата генерација С-350 „Витјаз“ и С-500 „Прометеј“. Овие системи драматично ќе ја подобрат вкупната ефикасност на противвоздушната и особено на противракетната одбрана. Зошто е тоа е така прочитајте во продолжението од текстов.

Април 2019 година донесе изобилство од исклучително важни новости кои се поврзани за руските системи за ПВО од новата генерација. Кон средината на месецот се појави информација за почеток на сериско производство на перспективниот противвоздушен ракетен комплекс со среден дострел С-350 „Витјаз“. Не поминаа ни две недели, а веќе стаса уште една вест во која се наведува дека рускиот систем со ултраголем дострел С-500 „Прометеј“ ја има завршено комплетната фаза на тестирањето, и дека добил дозвола за почеток на сериско производство, пренесува Интернет-порталот mars.online.

Новиот „Триумф“ оди на извоз

Главниот адут на ПВО/ПРО кој е набавен за потребите на руската армија во рамките на државната програма за вооружување во периодот 2011-2020 година беше противвоздушниот ракетен систем со голем дострел С-400 „Триумф“. Вкупно се нарачани 56 дивизиони (комплекси) од овој систем, од кои 54 се испорачани на единиците на руската армија до крајот на 2018 година.

Ова количество набавени средства овозможи превооружување на околу 50% од противвоздушните ракетни полкови кои се наоѓаат во составот на Воздушно-космичката војска (ВКС), кои во просек имаат од 2 до 3 ракетни дивизиони. Полковите кои за ова време не го добија „Триумф“ и понатаму остануваат потпрени на популарната 300-ка, која се состои од модернизираните верзии С-300ПМ, но и од постарите С-300ПС. Освен тоа, неколку противвозушни системи се опремени и со специјални варијанти на системите С-300 кои успешно можат да се борат против оперативно-тактичките ракети (С-300В). Овие средства се наоѓаат во вооружувањето на Копнената војска и се наменети за заштита на воздушниот простор над зоната на која непосредно се изведуваат борбени дејствија.

Во моментов системите С-400 немаат толку нагласен приоритет кога станува збор за производството за потребите на руската војска. Во наредниве десетина години тежиштето на руската воена индустрија ќе биде насочено на извоз на овие системи, за колку е и испланирано неговото производство. Во тој период руската армија ќе набави уште дваесеттина ракетни дивизиони од овој систем, по што производителот ќе се насочи на проектите за модернизација на првата серија „Триумф“ која во вооружувањето влезе уште пред 12 години.

Основата на производната програма која во следниот циклус на опремување на руската војска ќе биде приоритетна, а е наменета за потребите на единиците за ПВО/ПРО, ќе бидат системите од новата генерација С-500 „Прометеј“ и С-350 „Витез“.

Воведување на „Прометеј“ во оперативното вооружување

За разлика од семејството системи С-300 кои се произведуваат во две основни варијанти (С-300П и С-300В) што се меѓусебно целосно различни кога станува збор за нивната основна намена (првата варијанта на овој систем е наменета за борба со авиони и крстосувачки ракети, додека втората е специјализирана да пресретнува оперативно-тактички ракети), перспективниот С-500 ќе може да се бори против комплетен спектар воздушно оружје, вклучувајќи и хиперсонични летачки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета која ќе ја користи системот С-500 ќе боде 40Н6 која ќе може да соборува цели на оддалеченост и до 400 километри. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системите С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистичките цели и на хиперсоничните летачки објекти се развива семејството ракети 77Н6 кое треба да ги замени постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системите С-300В.

Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 километри, додека во однос на претходникот С-400 драматично ќе ја зголеми вистината на пресретнување воздушни цели. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателски цели кои се наоѓаат во блискиот космос. Новите можности на системите С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат по ниската Земјина орбита.

Проектирањето на системите С-500 започна пред уште 20 и повеќе години, а на почетокот на деценијата започна производството на неговите самостојни експериментални компоненти. Во рамките на државната програма за опремување на руската армија во периодот 2011-2020 година, предвидено е првата група „Прометеј“ со јачина од 10 ракетни дивизиони постепено да почне да влегува во оперативниот состав на ВКС од 2017 година. Најновите проекции се такви што првиот ракетен дивизион ќе биде комплетиран во првата половина на 2020 година. Неговото сериско производство и почетокот на испораката во единиците на руската армија се очекува да започне од 2021 година.

Карактеристиките на системот С-500 овозможуваат исклучително високо ниво на борбени способности кога станува збор за противракетна одбрана, но формирањето национален систем за ПРО засега не е приоритет на руското раководство. Воените експерти сметаат дека организацијата на ПРО ќе се фокусира на заштитата на самостојните зони во кои се наоѓаат исклучително важни воени и стопански објекти. Покрај заштитата на главниот град, ќе се формираат уште неколку непробојни прстени околу останатите градови кои претставуваат мошне важни индустриски и транспортни центри, како и реоните каде се сместени ударните потенцијали на Ракетната војска за стратешка намена.

Во таа смисла, можеме да претпоставиме дека купувањето С-500 нема да биде премногу големо: најверојатно станува збор за бројка од околу 20-30 ракетни дивизиони на овие системи кои ќе бидат „шлаг на тортата“ кога станува збор за основниот борбен поредок на средствата за ПВО и ПРО во посебно заштитените зони.

Непробоен ѕид за дожд од непријателски бомби и ракети

Ракетниот систем за ПВО С-350 „Втјаз“ е очекуван, но и прилично необичен кога станува збор за руската воена индустрија. На прв поглед е воочливо дека големо влијанието на развојот на ова оружје има проектот за воздушен ракетен систем КМ-САМ, кој за потребите на Јужна Кореја го разви рускиот концерн „Алмаз-Антеј“. Исто така, овој систем доста личи на поморската верзија на системот за ПВО „Редут“ со кој се опремени ракетните корвети од класата 20380 и 22350. Конкретно, С-350 е унифициран со „Редут“ кога станува збор за борбениот комплет, односно за ракетите. Имено, и едниот и другиот систем може да користат ракети 9М96 кои спаѓаат во проектилите со среден дострел (максимум 120 километри), како и ракетите со краток дострел 9М100 кои се наменети за борба со воздушни цели на оддалеченост од 15 километри.

Гледајќи вкупно, овој систем со своите воено-технички способности ќе игра важна улога во единиците на противвоздушната одбрана на руската армија. Зошто?

Прво, тој ќе ги замени надминатите ракетни системи С-300 ПС кои се произведуваа во осумдесеттите години од минатиот век. Ракетите 5В55 кои ги користеше овој систем се на крајот од својот експлоатациски рок, додека радарско-електронската компонента е застарена и не одговара на потребите на современата доба. Самата ракета 9М96 што ќе ја користи С-350 е со неспоредливо помала маса и габарити во однос на ракетата 5В55 која е развиена во седумдесеттите години од минатиот век.

Ова ѝ овозможува на една транспортно-лансирачка единица за трипати да го зголеми бројот на ракети! Имено, за разлика од системите С-300ПС чии лансирачки единици имаат четири ракети 5В55, системот С-350 „Витјаз“ ќе има лансирачка единица со дури 12 ракети кои се подготвени за дејство.

Ова овозможува С-350 ефикасно да ги дополни современите ракетни системи С-400 „Триумф“, кои исто така имаат значително помалку ракети на своите транспортно-лансирачки единици, но затоа имаат драматично поголем дострел (моделите 48Н6ДМ и 40Н6) кој се движи во распон од 250 до 400 километри.

Новите системи со среден дострел ќе овозможат многу поголема огнена моќ на единиците за ПВО во борбата против непријателот. Сега еден ракетен дивизион С-350 кој во основата ќе се состои од осум лансирачки единици во својот состав ќе има 96, наместо 32 ракети како што беше случајот со системите С-300ПС. Ова заедно со современиот радарско-набљудувачки комплекс ќе овозможи способност за заштита од масовни удари на условен непријател, кој се проектира со употреба на голем број едречки бомби, крстосувачки ракети и беспилотни летала.

Интеграцијата на специјалните лансирачки контејнери во кои се наоѓаат ракети со краток дострел 9М100 уште повеќе ќе ја зголемат густината на огнот на ПВО за пресретнување воздушни објекти на непријателот во завршната фаза на нивната патека. Имено, во еден контејнер ќе се наоѓаат до четири ракети 9М100 со дострел од 15 километри.

Доколку се знае дека една лансирачка единица има 12 вакви контејнери, тогаш се доаѓа до податокот од кој запира здивот. Имено, само една лансирачка единица во тој случај ќе има 48 ракети 9М100 кои се подготвени за моментална употреба, а целиот дивизион ќе има речиси 400 проектили!

Треба да се додаде дека руската армија во својот состав има и други средства за ПВО со краток дострел како што се системите! Панцир“ и „Тор“ (во перспектива и „Сосна“ – заб. прев.), тешко може да се замисли пробивот на последната линија за одбрана од страна на Военото воздухопловство на САД и на другите земји од НАТО.

Друг важен елемент е и цената на новиот комплекс С-350 кој секако ќе биде поевтин од системите С-400 и особено од С-500. Тоа ќе овозможи набавка на поголемо количество „Витјаз“ за потребите на руската војска која нема само да доведе до замена на постоечките системи С-300ПС, ами и до формирање сосема нови борбени состави за ПВО и ПРО, што во целина значајно ќе ја зголеми вкупната одбранбена моќ на целата армија.

Конечно, од иста причина се очекува и експортната варијанта на „Витјаз“ да стане вистински хит на светскиот пазар на современо вооружување и воена техника. Не постои сомнеж дека за негова набавка ќе бидат заинтересирани земјите кои во своето вооружување веќе поседуваат системи С-300 и С-400, но и оние кои сакаат да имаат респектабилен систем за ПВО, а кој истовремено нема да го „ликвидира“ целокупниот воен буџет.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња