Американска аналитика: Ова се петте држави кои најверојатно ќе набават руски „невидливи“ ловци Су-57

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Американскиот интернет-портал Military Watch објави листа на петте држави кои нареднава деценија најверојатно ќе набават руски повеќенаменски ловци од петтата генерација Су-57. На листата првенствено се наоѓаат азиски земји, но и една африканска држава.

НР Кина

Како што пишува интернет-порталот Military Watch, кај Кинезите може да се појави интерес за купување на руските ловци Су-57, без оглед на тоа што тие веќе имаат развиено сопствена програма на борбени летала од петтата генерација „Ченгду Ј-20“ (Chengdu J-20).

Според мислењето на авторот на овој текст, Су-57 е технички подобро направен авион од својот конкурент „Ченгду Ј-20“. Тоа посебно се однесува на неговите летечко-технички карактеристики, при што рускиот авион има мотори со управлив вектор на потисок, може да носи поголема количина убојни средства, поседува заштитни протиелектронски мерки итн.

Рускиот ловец Су-57 може да биде интересен за кинеската воена морнарица. Имено, овие авиони ќе имаат можност да употребуваат хиперсонични противбродски ракети. Авторот смета дека кинескиот авион „Ченгду Ј-20“ е мошне ограничен кога станува збор за евентуална употреба од носачи на авиони, пренесува интернет-порталот РБ.

Индија

Делхи се појави како прв потенцијален купувач на овие авиони. Во февруари оваа година стана извесно дека индиската страна има интерес за набавка на авиони од новата генерација. Индиската војска во меѓувреме треба да определи на кој начин руските ловци од петтата генерација би се вклопиле во концептот за индиското воено воздухопловство на иднината.

Индија е еден од најголемите увозници на советски, а подоцна и на руски борбени авиони. Овој тренд трае од 60-те години на минатиот век. Во овој момент борбени авиони од руско потекло го сочинуваат костурот на индиската авијација. Со воведувањето ловци од петтата генерација во кинеското воено воздухопловство, како и со сериозните планови на регионалниот ривал Пакистан до 2020 година да набави летала од следната генерација, на Индија не ѝ преостанува ништо друго освен да тргне во набавка на рускиот ловец Су-57.

Алжир

Military Watch ја нарекува оваа држава „единствениот клиент“ на Русија во сферата на воено-техничката соработка. Како и во случајот со Индија, оваа земја исклучиво користи основни советски и руски борбени авиони. Алжир се фокусираше на сериозна модернизација на авијацијата, каде што главно користи авиони од четвртата генерација, додека останатите ги повлече од употреба. Авторот смета дека овој тренд ќе се забави поради економските проблеми во кои во меѓувреме западна оваа земја и дека не се очекува набавка на нови Су-57 до почетокот на четвртата деценија на 21. век. Сепак, тоа може да се случи и малку порано. Русија има способност преку разни економски модалитети да му ги обезбеди овие авиони на Алжир со цел формирање моќен фактор на одвраќање против Западот.

Виетнам

Авторот се повикува на текстови од локални медиуми во кои се зборува дека оваа земја има намера да набави руски ловци од петтата генерација Су-57 во периодот 2030-2035 година. Овие авиони би ги замениле постоечките Су-27 и Су-30, кои заедно со бомбардерите Су-22M3 и Су-22M4 се основната ударна сила на виетнамското воено воздухопловство. Растечката економија на оваа земја создава реални претпоставки дека тоа ќе се оствари. Набавката на авиони Су-57 може да му помогне на Виетнам да го намали паритетот во однос на сѐ пообемната модернизација на кинеската воена морнарица. Руските ловци имаат способност сериозно да ги загрозат воените објекти и воздухопловните бази на условниот непријател, при што особено се истакнуваат како многу опасен ловец на противнички површински бродови.

Турција

Можноста оваа земја да набави Су-57, според авторите на сајтот Military Watch е најмалку веројатна опција, иако не и невозможна. Имено, Турција се смета за традиционален клиент кога станува збор за набавка на оружје од западно потекло, а и понатаму е членка на НАТО. Меѓутоа, сѐ поотворениот конфликт на релацијата Анкара-Вашингтон кој може да ескалира до неверојатни граници (можно раскинување на воено-техничкиот договор за испорака на американски ловци од петтата генерација F-35) може да се создаде една сосема нова ситуација која ќе ја натера Анкара да се сврти кон Москва. Анкара летово го добива првиот контингент руски ракетни ПВО-системи С-400, што за САД е апсолутно неприфатлив развој на настаните.

Во турските медиуми се појавија неколку написи во кои сѐ повеќе се споменува рускиот Су-57 како соодветна замена доколку САД се повлечат од испорака на F-35. Турските медиуми веќе почнаа да ги глорификуваат предностите на рускиот авион во однос на американскиот конкурент. Ова особено се однесува на неговите летечко-технички карактеристики, како и на заштитниот систем кој е ефикасен против противавионските ракети опремени со инфрацрвени самонаведувани боеви глави. Авторите на американскиот сајт Military Watch истакнуваат дека ваквата конфигурација е поефикасна на подрачјето на Блискиот Исток, затоа што многу терористички групи се опремени со лесни преносни ракетни системи со инфрацрвени боеви глави.

Погледнете го видеото: Сите тајни на ловецот од петта генерација Су-57