Рускиот претседател ја посети статичката експозиција на современа воздухопловна техника, во која се наоѓаше и модернизиран ловец-пресретнувач МиГ-31К кој носеше хиперсонична ракета од класата „воздух-земја/море“ „Кинжал“. Покрај овој авион тој го погледна и повеќенаменскиот ловец од петта генерација Су-57, како и модернизираниот тактички ловец од генерацијата 4++ МиГ-35, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
Покрај овие летала, на првиот човек на руската држава му беа демонстрирани и модели на перспективни беспилотни летала. Рускиот претседател го посети и делот на статичката експозиција каде што се наоѓаат оперативни воздухоплови како што се Су-35, Су-30СМ, МиГ-31БМ и морнаричката варијанта на повеќенаменскиот борбен авион МиГ-29К.
Покрај Путин, во делегацијата се наоѓаа и заменик-премиерот Јуриј Борисов, министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу, првиот човек на Министерството за индустрија и трговија Денис Мантуров, командантот на Воздушно-космичките сили Сергеј Суровикин и претседателот на Обединетата воздухопловна корпорација Јуриј Сљусар.
Претходно рускиот претседател слета во градот Ахтубинск во придружба на шест повеќенаменски авиони-ловци од петтата генерација Су-57.
МиГ-31 претставува прв советски борен авион од четвртата генерација. Неговата основна тактичка намена е да забележи и пресретне голем број крстосувачки ракети кои сѐ уште се наоѓаат во фаза на лет, без оглед на нивната брзина и висината на летот. Ловечките полкови опремени со овие авиони имаа статус на воздухопловни специјални сили (воздухопловен спецназ), затоа што нивната употреба беше наменета во услови кога требаше да се пресретнуваат најопасните воздушни цели.
Со таа цел, овој авион е опремен со моќни мотори кои му овозможуваат да достигне брзина од 3000 км/ч. Исто така, овој авион има и врвни параметри кога е во прашање достигнување на плафонот на лет кој изнесува 20,5 км. Оперативниот долет кој овој авион може да го оствари е далечина и до 3300 км.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче