„Оваа година на IDEF-2019 претставивме повеќе од 400 експонати кои се наоѓаат во извозната понуда на нашата воена индустрија. Тука се присутни воздухопловна техника, системи за ПВО, поморски борбени средства, како и основни видови вооружување кои се карактеристични за копнените сили. Несомнено е дека најголемиот интерес на посетителите е насочен кон современите средства за ПВО, бидејќи сите веќе знаат дека е во тек реализацијата на голем договор меѓу Русија и Турција кога станува збор за набавката на ракетните системи С-400 „Триумф“. Очекуваме целата работа да заврши во многу краток временски рок. Покрај тоа ние, исто така, се осврнавме и на потенцијалната воена соработка со Република Турција кога се во прашање високите воени технологии во областа на авијациската нои на хеликоптерската техника“, изјави Ладигин, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.
Според вториот човек на компанијата „Рособоронекспорт“, по ова прашање веќе се одржани неколку руско-турски состаноци од консултативна природа.
„Ние веќе водиме консултативни разговори и тие се вршат на различни нивоа, вклучувајќи ги и оние највисоките. Конкретно, покрај авионите од генерацијата 4 ++, сѐ повеќе се споменуваат и леталата од петтата генерација“, рече Ладигин, без да прецизира за што всушност се работи (дали е во прашање продажба на вакви авиони или некоја идна заедничка соработка).
Тој нагласи дека присуството на руско врвно оружје во турската војска во ниедна мера нема да ја попречува функционалната експлоатација на вооружувањето од американско потекло.
Неодамна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Анкара ќе најде замена за американските повеќенаменски ловци од петтата генерација F-35 во случај САД да ги откажат понатамошните испораки на овие авиони на Република Турција. Тој исто така додаде дека Турција може да купи дополнителна количина ракетни системи со голем дострел С-400, доколку не дојде до корекција на цената кога станува збор за набавка на ПВО-системите „Патриот“.