Вашингтон ја запира испораката на F-35 за Анкара: Турција се свртува кон Русија и набавка на Су-57?

Слободан Ѓукиќ
Планираната испорака на борбени авиони од петта генерација F-35, која би требала да се реализира наредниов месец, може да биде одложена поради сѐ позатегнатите односи на релација САД-Турција поради нејзината соработка со Руската Федерација, истакнува турскиот печат.

Турскиот информативен портал Yeni Şafak пренесува дека постои реална можност воопшто да не дојде до оваа испорака поради опструкции од Вашингтон. Ова е предизвикано од непопустливата намера на Турција да купи руски ракетни системи за ПВО С-400, што за САД е апсолутно неприфатлив факт.

Како што е претходно наведено во текстот, НАТО е исплашен дека Москва би можела да ја злоупотреби продажбата на овој систем, чие „радарско око“ би идентификувало различни сегменти кои се третираат како воена тајна, особено кога е во прашање тактиката за примена на овој авион. Со помош на системот С-400 „Триумф“ Русија може да открие голем број податоци поврзани со овој авион, но и со останатите борбени летала, сметаат извори во НАТО. Според мислењето на авторот на текстот, С-400 особено ќе се фокусира на откривање на квалитетот на тнр. „стелт“ заштита на авионот. Тој ќе може да ја открие заштитената шема што ја поседува овој авион, а која е основа за неговата невидливост и неговите целокупни тактичко-технички можности (особено што се однесува до применетата електроника) за кои се смета дека се супериорни во однос на сите останати авиони.

„За овој сложен, суперсофистициран борбен авион како што е F-35, од суштинско значење е степенот на неговата радарска невидливост-стелтност како и заштитените канали за размена на податоци со копнените-поморските радарски станици, како и каналите за радио-комуникација кои се употребуваат меѓу леталата. Доколку Русите успеат да го дешифрираат овој систем, тоа за нас би било катастрофа“, се истакнува во текстот.

Доколку дојде до раскинување на оваа зделка, Анкара има намера да се обрати до Русија и нејзината компанија „Сухој“ заради набавка на адекватна замена за овие апарати. Судејќи според сѐ, во тој случај би се разгледувала набавка на повеќенаменскиот авион Су-35 од генерацијата 4++ или на рускиот авион од петта генерација Су-57.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу претходно изјави дека Турција ќе одговори адекватно доколку САД ја откажат зделката со испораката на ловци F-35.

Прочитајте повеќе: Турција „нема проблем со купувањето“ на С-400, а сака да набави и С-500

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња