Анкара: Ако биде невозможно да се набават Patriot и F-35, тука се „Триумфите“ и Су-57 да ги заменат

Слободан Ѓукиќ
Турција може да набави други ракетни ПВО-системи наместо американскиот Patriot, доколку САД се откажат од неговата продажба. На пример, многу е веројатно Турците да нарачаат уште еден контингент системи С-400 од Русија. За ова зборуваше министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу. Истото се однесува и на купувањето американски ловци од петта генерација F-35. Анкара тврди дека и тука има адекватно решение доколку Вашингтон се откаже од таа зделка.

„Откажувањето на договорот кога станува збор за набавката на С-400 не се разгледува. Тоа е безопасен систем по НАТО. Американските авиони нормално летаат во зоната што ја покрива ракетниот систем С-400, а која се наоѓа во Сирија и Норвешка. Во план е испорака на овие авиони во Бугарија, Грција и Словачка, а во нивните армии веќе се наоѓаат ракетни системи С-300. На Турција итно ѝ се потребни современи ПВО-системи. Моменталната цена на американскиот ПВО-систем Patriot е многу висока, а рокот за негова испорака е долг. Доколку САД го понудат Patriot по разумна цена, ние ќе ги купиме. Ако не, уште утре можеме да нарачаме нова количина системи С-400 или орудија во слична категорија“, изјави Чавушоглу за турскиот интернет-портал „Анадолу“.

Што се однесува до набавката на авиони F-35, турскиот министер нагласи дека неговата земја веќе инвестирала 1,2 милијарди американски долари во овој проект, така што не е лесно да се излезе од него во овој момент.

„Постои меѓународно право, како и нашите права. Меѓутоа, доколку се реализира најцрното сценарио и на крај ништо не биде од набавката на F-35, ќе се свртиме кон други производители. На пример, Русите ги имаат авионите Су-34 и Су-57“, нагласи турскиот министер.

Гласините за можно исклучување на Република Турција од НАТО, турскиот министер ги нарече апсурдни: „Ние сме една од земјите кои најмногу придонесоа за овој сојуз“, пренесува интернет-порталот „Бог-рата“.

Договорот за испорака на четири дивизиони руски системи со голем дострел С-400 „Триумф“ беше потпишан 2017 година. Москва позитивно одговори на молбата на Анкара овие системи по малку побрза постапка да ѝ бидат испорачани на Република Турција. Првиот контингент на овие системи ќе биде испорачан веќе до јули оваа година, а целата работа може да се заврши многу порано од проектираниот датум.

Прочитајте повеќе: Ердоган јавно обзнани зoшто им даде предност на руските С-400 во однос на американските „Патриот“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња