Се појави снимка од експлозијата на метеоритот во близина на бреговите на Камчатка (ВИДЕО)

Скриншот

Експлозијата со сила десет пати поголема од онаа што ја имаше атомската бомба фрлена на Хирошима помина без очевидци. Снимката е објавена на „Јутјуб“, соопштува РИА „Новости“.

На интернет се појави снимка од силната експлозија на метеоритот кој во декември минатата година влезе во Земјината атмосфера над Беринговото море, недалеку од брегот на рускиот полуостров Камчатка. На снимката се гледа како метеоритот гори во густите слоеви на атмосферата.

Несекојдневниот настан го снимија камерите на американските и јапонските сателити Terra и Himawari-8. Тие ја регистрираа темната трага од чад на небесното тело, а на други снимки е забележан и моментот на експлозијата.

Според наводите на американската вселенска агенција НАСА, уникатната појава е забележена во точка оддалечена околу 350 километри од бреговите на Камчатскиот крај на висина од околу 26 километри. Поради облаците и сончевата светлина, како и фактот дека се работи за ненаселено подрачје, немаше очевидци на експлозијата на метеоритот.

Според мислењето на астрофизичарите, пречникот на болидот достигнувал 10 метри, а се движел со брзина од 32 километри во секунда. Силата на експлозијата била еквивалентна на 173 килотони ТНТ или двојно посилна од експлозијата на атомската бомба во Хирошима. Како што се истакнува, само експлозијата на метеоритот над Челјабинск во февруари 2013 година била посилна. Небесното тело со пречник од 17 метри и маса од околу 10 илјади тони кое влезе  во Земјината атмосфера во близина на овој град се смета за најголем метеорит кој некогаш паднал на Земјата по Тунгускиот метеорит 1908 година.

Како што се претпоставува, болидот што се распадна над Беринговото море припаѓал на метеорскиот рој Урсида кој беше активен од 17 до 26 декември минатата година.

Според зборовите на стручњакот на агенцијата НАСА за одбрана на планетата Линдли Џонсон, метеоритот експлодирал во близина на маршрутата што ја користат цивилните авиони. Затоа сега научниците се обидуваат да утврдат дали пилотите на цивилната авијација забележале некакви необични појави тој ден.

Ако пред неколку години научниците веруваа дека ваквите појави се случуваат отприлика еднаш во сто години, падовите на Челјабинскиот и метеоритот во близина на Камчатка во декември минатата година побудува основани претпоставки дека тоа се случува двојно почесто, пишуваат руските медиуми.

На видеоснимката се забележува трага од чадот кој зад себе го остави небесното тело, а на зумираните кадри се гледа моментот на експлозијата.

Се истакнува дека снимката ја направиле американски воени сателити на висина од 25,6 километри над површината на Земјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња