На норвешкиот архипелаг Шпицберген во Северниот леден океан живеат околу три илјади луѓе. Температурата зиме се спушта на минус седумнаесет, а лете се искачува до плус седум степени. Повеќето жители се Норвежани. Русите живеат во малото село Баренцбург. Таму тие можат да вршат стопанска дејност поради посебниот статус на архипелагот. Токму во тоа село со мали куќи од панел-плочи, дрвена црква и споменик на Ленин живее мачорот Кеша.
Тоа инаку не би било сензација, меѓутоа, на архипелагот не смеат да се доведуваат домашни миленичиња со исклучок на птици во кафез, зајаци, ситни глодачи и со специјална дозвола – кучиња. Се смета дека мачките можат да ја нарушат еколошката рамнотежа и со беснило или некоја друга инфекција можат да се заразат од поларните лисици или поларните зајаци.
Кој и на кој начин го донел Кеша на архипелагот, не се знае со сигурност. Локалниот жител Денис Јурисон во интервју за AltaPress изјави дека мачката во 2000-тите кришум ја донеле Русите и дека документите гласат на поларна лисица.
Речиси целокупното слободно време мачорот го поминува на улица, го хранат мештаните и туристите. Странските гости на архипелагот мачорот го викаат Ginger Arctic Fox.
Според Олга Кострова, која се занимава со организација на туристички патувања на архипелагот, Кеша има своја газдарица.
„Тој не е скитник, но е слободољубив и сака да шета. Живее во куќа. Меѓутоа, со задоволство ќе се почести ако му дадат“, рече Кострова.
Годинава Кеша наполни 12 години, вели мештанката Јулија Литвинова, меѓутоа, и понатаму е многу активен.
„Никогаш не е забележан во тепачка со поларни лисици. А ако шеташ со кучиња од хаски-центарот, подобро е да го заобиколиш со тоа што ќе направиш широк лак. Бидејќи имаше случаи Кеша да напаѓа кучиња“, вели Литвинова.
Се зборува дека Кеша повеќе не е единствената мачка на архипелагот, па така во јули оваа година туристите можеа да фотографираат мачка која многу личи на Кеша, ама со малку поинаква боја.
Јулија вели дека почнала да забележува уште некои мачори на островот, меѓутоа Кеша и понатаму е најпопуларниот на Шпицберген.
„Кеша ме радува со својата појава на паузата за ручек. Сега го има изгубено крзното и му солзат очите. Сеедно, тој и понатаму спаѓа во главните знаменитости на Баренцбург. Постои легенда дека на оној што ќе го помилува Кеша и ќе си замисли желба, таа сигурно ќе му се оствари“, вели Литвинова.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче