Крајбрежната стража на САД реши сепак да не одржи вежба на Арктикот од страв дека единствениот американски тежок мразокршач може да се скрши, поради што би морале да бараат помош од Русија, пишува „Бизнис Инсајдер“.
Во статијата се наведува дека мразокршачот „Поларна ѕвезда“ (Polar Star) е стар преку 40 години и дека е „на стаклени нозе“, што поранешниот командант на американската Крајбрежна стража Пол Цукунфт добро го знае. Тој се спротивстави кога американскиот Совет за национална безбедност побара од него да го испрати мразокршачот преку северната морска рута заради вежби за слободна пловидба, соопштува РИА „Новости“.
„Моравме да земаме делови од брод од иста класа за да може ова нешто да функционира и не можам да ви гарантирам дека нема да имаме сериозни технички дефекти во текот на вежбата за слободна пловидба. Тоа би значело дека би морал да ја повикам Русија да го шлепува на сигурно место. Така што сега не е моментот за такво нешто“, наведе Цукунфт во својот одговор.
Во статијата не се прецизира за кога е планирана оваа вежба. Поранешниот командант на Крајбрежната стража зборуваше за својот одговор на почетокот на декември.
„Бизнис Инсајдер“ пишува дека САД се соочуваат со тешкотии во борбата за Арктикот, пред сѐ поради недостигот од мразокршачи, што е особено упадливо во споредба со Русија. Москва има десетици мразокршачи, а Вашингтон само два, додека „Поларната ѕвезда“ е единствениот од тешка класа, способен за операции на Арктикот.
Претходно на вестите на каналот Ен-Би-Си беше соопштено дека американската флота мразокршачи е во ужасна состојба, така што САД одамна ја загубиле трката за Арктикот од Русија.