Во соопштението кое беше испратено од состанокот на раководството на „Роскосмос“ при Центарлниот научно-истражувачки институт за машиноградба (ЦНИИМАШ), дословно се наведува: „Финалните верзии на нацртот за космичката ракета од супертешка категорија со студиите за нејзината употребливост ќе му биде претставена на државното раководство на почетокот од следната година“.
Овој проект во чија реализација учествуваа практично сите научно-истражувачки и производствени инстуции од руската космичка индустрија го носи називот „Правење комплекс на космичка ракета од супертешка класа за периодот 2020-2030“.
Трка во развојот на супертешки ракети
Конкретната задача на овој потфат е на Русија да ѝ се обезбеди сопствена мегаракета со која целата космичка програма на оваа држава би била воведена во нова ера која ќе ги одбележи мисиите на Месечината, на Марс и во длабоката вселена. Како таква оваа ракета би морала да има носивост од барем 80-100 тони корисен товар до ниската Земјина орбита. Со оглед на тоа дека иднината на целата руска космонаутика зависи од овој проект, не е чудно што тој се држи во прилична тајност. Конкуренцијата е силна – САД развиваат сопствени супертешки ракети како што се „Фалкон хеви“ на приватната компанија „Спејс Икс“ и уште поголемата „Ес-Ел-Ес“ (Спејс лонч систем) на државната космичка агенција НАСА. Освен тоа, се смета дека и во Кина во строга тајност се развива лансирно возило со слични карактеристики. Според тоа, слободно може да се каже дека е тоа тивка „трка“ во развојот на супертешки ракети за освојување на објектите од Сончевиот систем.
Според тоа, наградата не е само национален престиж, ами и конкретна економска корист од експлоатацијата на гигантските количества ретки енергенси и минерали на Месечината, во појасот на астероиди помеѓу Марс и Јупитер, и на други места.
За оваа намена Русија не штеди пари. Така за проектот за развој на супертешка ракета од новата генерација се издвоени речиси 25 милијарди долари. Изградбата на лансирна платформа за оваа ракета на најновиот руски космодром „Восточни“ ќе започне кон средината на следната деценија, а нејзиното прво лансирање е планирано за 2028 година. Рускиот претседател Владимир Путин особено ја истакна важноста од почитувањето рокови во овој потфат. Така ова лето изјави дека е „важно навреме да се имплементираат некои огромни и значајни проекти, како што е развојот на супертежок ракетен систем“, за потоа да додаде: „Дозволете ми да истакнам дека сите претходно поставени временски ограничувања мораат да се почитуваат, а пробните лансирања би морале да започнат во 2028 година“.
Богато искуство
Важно е да се истакне и тоа дека Русија во оваа работа има големо искуство. Имено, советската супертешка ракета-носач „Енергија“ од осумдесеттите години од минатиот век имаше импресивна носивост од сто тони во ниската Земјина орбита, а направена беше за лансирање на советскиот шатл „Буран“, како и на воени и цивилни орбитални станици. Иако со распадот на Советскиот Сојуз нејзината судбина беше запечатена, наследство од овој проект е моторот РД-170 кој со својот потисок од 7.500 кН се смета за најмоќен ракетен мотор на течно гориво кој кога и да е бил направен. Врз база на овој мотор подоцна е развиен нов ракетен мотор со две комори за согорување и две млазници под називот РД-180, за кој се шпекулира дека би можел да се најде на новата супертешка ракета на чиј развој моментално работи „Роскосмос“.
По игра на случајот, овој мотор досега не е користен на руските ракети, ами е монтиран на американските ракети од типот „Атлас“. Договорот за испорака на овие мотори за Соединетите Американски Држави важи до 2020 година, со можност за продолжување до 2021 година. Интересно е што во 2014 година американскиот Конгрес стави забрана купување на мотори РД-180 од Русија поради влошените руско-американските односи кои се поврзани со украинската криза. Но, веќе следната година забраната беше укината.
Четири варијанти
Иако деталите за идната супертешка ракета на „Роскосмос“ не се познати, некои информации сепак стасаа до јавноста. Така познато е дека моментално постојат најмалку четири предложени концепти за нејзина конструкција. Првата опција подразбира трофазно лансирано возило со маса од 2.785 тони при полетувањето. Тоа би поседувало шест стандардни бустери за првата и за втората фаза од летот, и тоа преземени од проектот за развој на „Сојуз-5“. Сите тие би имале пречник од 4.1 метри, а погоните би биле составени од мотори РД-171МВ. Втората опција е слично трофазно возило со маса од 2.830-2.840 тони при полетувањето.
Третата варијанта во голема мера се потпира на дизајнот на „Енергија“ и би имала носивост од дури 120 тони во ниската Земјина орбита, а 29 тони до Месечината. За разлика од изворната „Енергија“ која на трупот носи шатл, односно ракетоплан „Буран“, овој модел целиот корисен товар би имал во својот нос. Возилото би имало четири фази.
Конечно, четвртата варијанта би имала дури пет фази, со вкупно шест бустери за прва и втора фаза. Бустерите би биле опремени со мотори РД-180 и РД-171МВ. Во ноември годинава директорот на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин изјави дека на новата мегаракета ќе се користат мотори РД-180, па можно е дека оваа четврта варијанта ќе има примат.