Во ноември 1988 година беше лансиран првиот и единствен советски вселенски брод „Буран„. Извор: ИТАР-ТАСС
Како што неодамна изјави раководителот на Роскосмос, Олег Остапенко, работата поврзана со разработката на ултратешкиот носач на ракети предвидува широка соработка со Руската академија на науките. „Во моментов планираме да го разгледаме ова прашање со научната јавност од овој ресор, потоа проблематиката да ја дадеме на заедничко разгледување со РАН и, врз основа на веќе постојните резултати, да ја избереме оптималната варијанта за решавање на оваа задача“, изјави Остапенко.
Од техничка гледна точка прашањата поврзани со ултратешкиот носач се разгледуваат во руската космичка корпорација „Енергија“, а, исто така, и во космичките центри „Прогрес“ и во „Енергомаш“.
Според мислењето на генералниот директор на корпорацијата „Енергија“, Виталиј Лопота, во разработката на перспективниот тежок носач не може да се пренебрегне искуството од создавањето на познатиот транспортен космички систем „Енергија“, кој беше создаден во Советскиот Сојуз во средината на осумдесеттите години од минатиот век. Единствениот лет на оваа ракета беше во ноември 1988 година, кога во орбитата во автоматски режим беше лансиран првиот и засега единствен повеќекратен вселенски брод „Буран“. Денес забрзувачот на тврдо гориво на оваа ракета – блокот А – успешно се користи кај руско-украинската ракета „Зенит-3SL“, која работи во системот на комерцијални лансирања „Морски старт“.
Повеќекратниот товарен космички брод „Буран“ на грбот на супертешкиот носач „Енергија“ (1988). Извор: РИА Новости |
Но, зошто е воопшто потребно да се создаваат ултратешки носачи? Најсоодветен одговор на ова прашање кон крајот на 2010 година го даде тогашниот заменик-раководител на Роскосмос, Виктор Ремишевски. „Главната цел е лансирање во орбитата тешки товари, на пример, за формирање крупни меѓупланетарни летачки модули или орбитални станици. За жал, не постојат други начини за тоа да биде изведено. Според мене, многу поедноставно е да се лансира голем товар одеднаш, одошто многу мали сегменти постепено, и тие да бидат спојувани во орбитата“, објасни Ремишевски.
Руската вселенска програма предвидува поставување на ниската околуземна орбита сопствени пилотни станици по завршувањето на експлоатацијата на МКС и на комплексните истражувања на Месечината, односно на нејзините сѐ уште непроучени поларни делови со создавање на постојани населени бази на тие места.
За нови стартови, уште повеќе доколку станува збор за бази на Месечината, ќе биде потребно во ниската околуземна орбита да се лансира конструкција со тежина од 150 до 170 тони, во чиј состав ќе влезе резервоар за гориво, засилувач и вселенски брод со модул за слетување. Имено, според оваа шема работеше американската месечинска програма „Аполон“.
Но, денес нема смисла да се повтори овој експеримент на спуштање на Месечината, зашто таквата шема дава можност за слетување само во екваторијалната област. Во случај на директно слетување достапни се 88% од површината на Месечината. Сега, пак, особен интерес претставуваат поларните зони на природниот сателит на Земјата, каде што, според податоците од последните истражувања, можно е да има мраз.
Легендарниот советски конструктор Сергеј Корољов кон средината на шеесеттите години од минатиот век изработи проект за лет кон Месечината со помош на својата ракета Р-7, при што во орбитата би биле изведени три модули 7K-9K-11K со тежина од осум тони секој, а потоа тие да бидат споени. Интересно е што по многу години конструкцијата што тежи 120 тони, која може слободно да се спореди со „Аполон“, сепак беше изградена на орбитата. Станува збор за советската вселенска станица „Мир“. Станицата беше изградена од компоненти на воениот орбитален комплекс „Алмаз“, кои беа подложени на големи модификации. Неговите пилотни верзии, познати како „Саљут-2“, „Саљут-3“ и „Саљут-5“, беа основа за базниот блок, а модулите што беа поврзани со нив имаа многу заеднички работи со транспортниот вселенски брод за снабдување, кој леташе под името „Космос“ со различни индекси. Сите блокови, освен спојниот јазол, беа носени со ракетите „Протон“, кои во орбитата можат да достават не повеќе од 23 тони полезен товар.
Соработникот на Корољов, конструкторот Владимир Челомеј, во шеесеттите години од минатиот век ја експонираше идејата за ултратешката ракета УР-700 со полезен товар од 150 тони (во понатамошните модификации до 250 тони), која би можела да биде направена врз основата на постојниот носач УР-500 (во следните модификации именуван како „Протон“). Сепак, овој проект не беше реализиран.
На тој начин, без оглед на фактот што во седумдесеттите години од минатиот век СССР го изгуби натпреварот за Месечината, Русија има свој проект за поставување габаритни конструкции за експедиции на Месечината во орбитата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче