Атомската јуришна подморница „Северодвинск“, која се наоѓа во состав на руската Северна флота, од водите на Баренцовото море лансираше крстосувачка ракета „Калибар“, соопшти информативната служба на Северната флота.
Денес од акваторијата на Баренцовото море е извршена планирана активност на планот на борбена обука на екипажите кои се наоѓаат на подморници. Така нуклеарната јуришна подморница од класата 885 „Јасен“ лансираше крстосувачка ракета „Калибар“ која се наоѓа во нејзиното вооружување. Се работи за подморницата К-560 „Северодвинск“ која го изврши лансирањето додека се движеше по површината на водата. Ракетата ја погоди целта која се наоѓаше на полигонот Чижа во Архангелскиот регион.
Притоа е погодена цел која се наоѓаше на 700 км оддалеченост. Средствата за извидување покажаа дека целта е погодена со голема прецизност, како и дека ракетата ги потврдила сите летечко-технички карактеристики кои ѝ се припишуваат.
К-560 „Северодвинск“ претставува руска повеќенаменска атомска подморница од четвртата генерација од класата 885 „Јасен“. Се наоѓа во состав на Северната флота. Таа во моментов е единствената подморница од оваа класа која се наоѓа во вооружувањето на руската флота. Наскоро треба да ѝ се придружи К-561 „Казањ“ која е направена според модернизираниот проект 885 „Јасен-М“. Таа кон крајот на март минатата година беше спуштена во вода и во тек е фазата на нејзините интензивни тестирања. Се очекува да влезе во оперативното вооружување наредната година.
Долга е 120 метри, а нејзиниот подводен депласман достигнува речиси 14000 тони. Ја движи нуклеарен погон ОК-650М, поточно нуклеарен реактор под воден притисок. Ова ѝ овозможува на подморницата да достигне брзина од 30 јазли. Работната длабочина на подморницата е ограничена на 520 метри, а максималната на 600 метри.
Од вооружување подморницата има 32 универзални лансирни спремници во кои можат да се најдат ракети „Калибар“, но и противбродски ЗМ24 и „Оникс“. Покрај тоа, оваа подморница има и 10 торпедни цевки со калибар 553 мм од кои можат да се лансираат најсовремени торпеда кои се наоѓаат во вооружувањето на руската морнарица.
Цената на една ваква подморница е околу 50 милијарди рубли или околу 660 милиони американски долари.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче