Американски медиуми: Су-57 е авион кој ќе служи само за покажување и за ништо повеќе

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Според интернет порталот „Национален Интерес“, руската армија нема претерано да се потпира на релативно малиот број вакви авиони кои ќе се најдат во борбените ловечки ескадрили. Тој нема да има позначајно влијание на односот на силите, но ќе биде атракција за медиумите, заклучуваат Американците.

Ограничената количина ловци од петтата генерација Су-57, која наскоро ќе ја добие руската војска, може да ја зголеми популарноста на леталото во светските медиуми, но нема да игра практично никаква улога кога се во прашање стратешките воени планови на Руската Федерација, пренесува интернет порталот „Национален Интерес“.

„Интересниот фото-албум не може да го преобрати присутниот економски пад и со некаква магија да створи стотици нови „невидливи“ ловци. Од друга страна, рускиот авион има потенцијал да стане медиумска ѕвезда. Меѓутоа, во реалноста тој нема да игра позначајна улога во воената стратегија на Москва“, наведува американскиот интернет портал.

На овој начин американскиот информативен сајт реагираше на видеоматеријалот на руското Министерство за одбрана на кој е прикажан лет на четири 57-ки кои се движат во збиена формација. На видеото кое беше објавено минатиот месец исто така е прикажан и дел од маневарските способности на овие летала кога едно од нив го изведе сложениот маневар „Кленов лист“.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување на огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна надмоќ над територија на која се изведуваат активни борбени дејства, уништување најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции на извидување и надзор на воздушен простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.

Авионот првпат полета на почетокот на 2010 година од аеродромот во Комсомолск на Амур. Првата ескадрила со вакви авиони ќе им биде испорачана на единиците на Воздушно-космичките сили во 2019 година. Неа ќе ја сочинуваат 12 летала Су-57.

Прочитајте повеќе: Сјајни кадри: Авионите за „третата светска војна“ снимени од досега најкратко растојание