Во Сирија извршена конверзија на ракетните системи ПВО С-300 ПМ-2 во извозната варијанта С-300 ПМУ-2

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Руските специјалисти успешно ја завршија сложената технолошка операција на кодно и фреквенциско прилагодување на ракетните системи ПВО С-300 ПМ/ПМ-2 на сириски стандарди и извршија процес на конверзија на овие системи во извозната варијанта С-300 ПМУ-2 „Фаворит“ која е во целост подготвена за борбена употреба.

„Мобилните екипи на специјалисти на рускиот воено-индустриски комплекс, кои заедно со ракетните системи со голем дострел С-300ПМ/ПМ-2 пристигнаа во Сирија на почетокот на октомври, го извршија комплицираниот технолошки процес на нивна конверзија во извозната варијанта С-300 ПМУ-2 и потоа се вратија назад во Русија“, изјави неименуван извор за руската агенција ТАСС.

Според него, руските специјалисти сите три дивизиони кои минатиот месец ѝ беа испорачани на сириската армија успешно ги оспособиле за борбена експлоатација. До нивен целосен прием во оперативното вооружување на сириската армија остана уште да се заврши процесот на оспособување на сириските екипажи за работа на овие системи, кој ќе потрае најмалку три месеци. Друг неименуван руски воено-дипломатски извор изјави дека пренамената опфатила замена на руските кодови и фреквенции со чија помош функционира овој систем, со цел негово прилагодување на кодовите и фреквенциите кои се употребуваат во сириската армија.

Неодамна официјалниот претставник на Министерството за одбрана на Руската Федерација Игор Конашенков изјави дека руски советници се присутни во Сирија каде го изведуваат процесот на обука на сириските оператори кои ќе бидат составен дел на екипажите на системите С-300.

Во октомври стана извесно дека Русија ѝ доставила на сириската армија три дивизиони ракетни системи С-300 ПМ-2 (најсовремената варијанта на ракетниот систем С-300 – заб. на прев,) кој се одликува со значително поквалитетна набљудувачка радарска станица, мобилен команден пункт и нишански радарски станици за следење и гаѓање. Одлуката за испорака на ракетните системи со вакви карактеристики беше донесена по авиокатастрофата во која се сруши руски авион Ил-20 со комплетниот екипаж, а за која е виновно Военото воздухопловство на Израел.

Прочитајте повеќе: Сериозно засилување: Русија испрати во Сирија ракетни системи далеку посовршени од С-300 ПМУ-2