Различни концепти: Во САД ја утврдија главната разлика меѓу „Армата“ и „Абрамс“

Сергеј Фадејчев/TASS

Кога се гледа дизајнот на современите тенкови, се забележуваат два главни концепти, наведува „Национален Интерес“. Примери за првиот концепт се, да речеме, „Абрамс“ и „Леопард 2“, кај кои муницијата е сместена во изолиран спремник во задниот дел на куполата. Од друга страна, кај руските тенкови муницијата е сместена во кружни спремници во шасијата на тенкот, од каде во топот се става со автоматски полнач, додека резервната муниција се става рачно во спремникот на автоматот. Тоа е вториот концепт.

Употребата на автоматскиот полнач на топот овозможува намалување на бројноста на екипажот на три човека, како и покомпактна структура на тенкот поради намалување на внатрешната запремнина. Меѓутоа, сместувањето на муницијата во кружниот автоматски спремник во шасијата има и свои мани – доколку тенкот е погоден може да дојде до палење на борбениот комплет и експлозија во која загинува целиот екипаж, а возилото е уништено.

Постојат и изолирани автоматски полначи кои ги комбинираат предностите на двата концепта. Се применуваат кај францускиот тенк „Леклер“, корејскиот К-2 „Црн пантер“ и јапонскиот Тип 90 и Тип 10.

Борбениот комплет на „Леклер“ брои 40 гранати, од кои 22 се сместени во автоматскиот полнач, додека преостанатите 18 во барабанот во кабината. Секторот на топот и автоматскиот полнач е одвоен од позициите на командирот и топчијата, што ги зголемува безбедноста и шансите за преживување на екипажот. Гранатите се уфрлуваат низ „прозорче“ кое се отвора на само две секунди во моментот на полнење. Притоа касетата на автоматскиот полнач, во која се сместува муницијата, е опкружена со заштитни панели. Кај корејскиот „Црн пантер“ и наведените јапонски тенкови дизајнот на автоматскиот полнач е генерално сличен на францускиот.

И советските конструктори експериментираа со слични автоматски полначи. Развија хибридна шема во која неексплозивните делови на муницијата беа сместени во ротирачки спремник, додека експлозивните полнења се чуваа во одвоени оддели со заштитни панели. Предноста на оваа опција е што овозможува намалување на големината на куполата.

Меѓутоа, спремникот за муниција се наоѓа на ранлива точка и го ограничува безбедното маневрирање на куполата, што претставува сериозна мана на таквата шема.

Кај рускиот „Армата“ е имплементиран поинаков пристап. И тој користи ротирачки автоматски полнач, но тој е потполно одвоен од екипажот кој се наоѓа во оклопната капсула. На овој начин се зголемува сигурноста на екипажот, со тоа што истовремено се одржуваат димензиите на куполата релативно мали и без ранлив спремник за муниција во неа.

Автоматскиот полнач не е особено популарен на Запад. Се работи за тоа дека таквата шема е во спротивност со суштината на концептот на германските и американските тенкови. И „Абрамс“ и „Леопард“ се дизајнирани за четиричлен екипаж, при што четвртиот член е полнач на топот. Се смета дека присуството на уште еден тенкист ги олеснува одржувањето и поправката на тенкот на терен. Освен тоа, кога се работи за ефикасност, човечките полначи на топови не доцнат зад автоматските (иако ова во многу нешта зависи од условите на боиштето).

Но, калибарот на тенковските топови со текот на времето би можел да се зголеми, така што човечките полначи ќе почнат да заостануваат зад автоматските системи. Тогаш ќе видиме нови верзии на „Абрамс“ и „Леопард“ со автоматски полначи.

Прочитајте повеќе: Екипаж на американски „Абрамс“ го оцени „Армата“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња