Американските медиуми опишуваат хипотетичка борба помеѓу „Армата“ и „Абрамс“

Сергеј Фадејчев/TASS
Американските медиуми ги споредија борбените можности на најновите руски и американски тенкови. Станува збор за тенковите Т-14 „Армата“ и Абрамс M1A2 SEP v3. Новинарите се обидоа да дознаат кој победил во хипотетичката борба помеѓу овие две моќни машини.

Како што истакнува списанието „Нешионал интерест“, руската „Армата“ е направена врз база на принципиелно нов пристап, додека модернизираниот „Абрамс“ само го следи во чекор веќе постоечкиот тенковски проект. Споменатото списание пишува дека рускиот Т-14 се разликува од сите останати тенкови според куполата без екипаж. Покрај тоа, во управувањето со „Армата“ се користени нови системи, почнувајќи од топот со калибар од 125 милиметри, па сè до системот за активна заштита. Тенкот е практично во целост направен со користење на руски технологии и материјали, а исто така и со користење на руси софтвер.

„Куполата на 'Армата' без екипаж е најголемата предност на овој тенк зашто во голема мера овозможува преживување на посадата. Преживувањето на тенкистот отсекогаш било приоритет, но творците на 'Армата' преминаа на ново ниво, сместувајќи ја посадата во блиндирана капсула под куполата“, пишува „Нешионал интерест“.

Така максималната оклопна заштита е концентрирана на едно место, додека кај другите тенкови е распоредена на сите делови на тенкот, вклучувајќи ја и куполата. Покрај тоа, и муницијата е одвоена од екипажот, што исто така придонесува за поголема веројатност за нејзино преживување. Одделно сместената муниција и капсулата со екипаж овозможува во тенкот да се применат поефикасни и поагресивни методи за гаснење пожар, како што е, да кажеме, примената на гасот СО2 кој би бил смртоносен на тенкистите во куполата.

Како недостаток на „Армата“ се наведуваат намалените борбени можности во случај на прекин на врската помеѓу екипажот и системот за управување со оган. Во публикацијата исто така е изнесена претпоставка дека куполата без екипаж нема доволно јак оклоп, со оглед на тоа дека не мора да ја штити тенковската посада. Авторот на материјалот сепак признава дека не му е позната дебелината на оклопот што ги штити споменатите делови на тенкот.

Во статијата се фали новиот топ 2А82 со калибар од 125 милиметри кој испукува ефикасни противтенковски проектили и ја зголемува нивната почетна брзина. Покрај сето тоа, од куполата на „Армата“ која нема екипаж, не мора однадвор да се изнесуваат гасовите кои се создаваат за време на огнот. Системот за динамичка клопна заштита „Малахит“ е поефикасен од сличните системи во моделите од претходните генерации. Него најчесто го дополнуваат системите за активна заштита „Афганит“ кои можат да неутрализираат разни видови проектили испукани на тенкот.

„Нешионал интерест“ истакнува дека американскиот Абрамс M1A2 SEP v3 исто така има подобрувања кои пред сè ја подигнуваат борбената подготвеност на тенкот и му овозможуваат на екипажот подобро да разбере што се случува на борбеното поле. Обновениот „Абрамс“ користи нови типови повеќенаменски проектили за топ М256 со калибар од 120 милиметри и има усовршен оклоп, додека термовизиските камери и нишаните во „Абрамс“ можат дополнително да бидат модернизирани. Исто така се вели дека „Абрамс“ користи системи за активна заштита Трофи Хард-Кил APS. И покрај сето тоа, во новата верзија на стариот тенк, според сè, не е остварен некој поголем напредок во однос на квалитетот.

„На крајот на краиштата M1A2 SEP v3 е само еден чекор во постепеното усовршување и најверојатно ќе функционира како и претходните тенкови М1, само малку подобро. За разлика од Т-14, во американските тенкови не е дојдено до радикални промени во начинот на војување“, пишува американското списание.

Според авторот на публикацијата, во судир со „Армата“ американскиот M1A2 SEP v3 „веројатно ќе биде во предност кога станува збор за откривањето на противничкиот тенк“. До овој заклучок се доаѓа врз основа на тоа што термовизиските матрици почнаа да се произведуваат во САД порано одошто во Русија. Исто така се претпоставува дека турбомоторот на „Абрамс“ веројатно ќе биде потивок од дизел-моторот на „Армата“.

„Од друга страна 'Армата' е полесна од еден тон и поради тоа е помобилна“, пишува „Нешионал интерест“. Американското списание не го „прогласи“ недвосмислено победникот во тенковскиот судир зашто засега не се познати сите можности на новото вооружување и на заштитата, но во публикацијата се истакнува дека рускиот систем за активна заштита „Афганит“ е сепак подобар од американскиот Трофи APS.

Ваквата заштита на „Абрамс“ е поставена однадвор од двете страни на куполата поради што нејзиниот профил е поголем и ограничени се можностите за пресретнување на непријателските проектили. „Афганит“ од самиот почеток е интегриран во конструкцијата на Т-14 што подразбира целосна контрола на фронталниот појас и поефикасно користење на системот. Покрај сето ова, „Афганит“ реагира на различни видови проектили.

Списанието пишува дека руската „Армата“ е веројатно многу поотпорна од американскиот M1A2 SEP v3 и дека може да ја однесе победата дури и пред американскиот проектил да го досегне нејзиниот оклоп. Воедно се истакнува дека се можни извесни измени во техничките карактеристики на овие тенкови кои тукушто почнуваат да се развиваат.

Прочитајте уште: Американските медиуми ги вбројуваат „Терминаторите“ во најинтересните борбени машини на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња