Русите прават ракетен мотор што ќе го надмине РД-170 кој генерираше сила од 20 милиони коњски сили

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Станува збор за финализација на проектната фаза во конструкцијата на новиот ракетен мотор РД-171МВ за перспективната ракета-носач „Сојуз-5“. Овој мотор настана врз база на познатиот советски мотор РД-170 кој генерираше сила еквивалентна на неверојатни 20 милиони коњски сили. Според овој параметар се работи за најмоќниот ракетен мотор кој некогаш го направила човечката рака.

Во рамките на опитно-конструкторскиот проект „Феникс“, кој меѓу другото има за цел и конструирање на нов ракетен мотор за перспективната ракета-носач од средна класа „Сојуз-5“, заврши комплетирањето на еталонската макета за моторот кој ќе ја носи ознаката РД-171МВ.

Во текот на конструирањето на макетата на новиот ракетен мотор се реализирани нови конструкторски решенија за наведениот проект, а при проектирањето се земени предвид и сите карактеристики на неговите летечко-технички перформанси кои мораат да бидат компатибилни со перспективната ракета-носач „Сојуз-5“ . Формираната макета понатаму ќе се користи во фазата на понатамошната разработка на експерименталните примероци на новиот ракетен мотор РД-171МВ, како и за идните конструкторски зафати во текот на неговото склопување.

Така кон крајот на 2017 година е завршен техничкиот нацрт-проект на моторот кој е проследен до Ракетно-космичкиот центар - РКЦ „Прогрес“. Без оглед на тоа што самиот мотор РД-171МВ користи многу технички решенија позајмени од неговиот претходник РД-171М, станува збор за модернизација која според својата концепција  ќе биде капитална. Конкретно, се работи за мотор кој го користи класичниот руски концепт на изработка на ракетни мотори, кај кој системот за управување и регулирање на неговата работа е во целост од домашно производство.

Во овој момент сите претпријатија кои се ангажирани во овој проект работат на формирање на проектната документација, што подразбира и тродимензионално моделирање кое е многу важно во подготвителните циклуси пред етапата на неговата практична изработка. Веќе во декември оваа година „Енергомаш“ ќе ѝ достави на компанијата РКС „Прогрес“ напредна макета на ракетниот мотор за комплетот многу сложени динамички испитувања.

Прочитајте повеќе: Русија подготвена да им продава ракетни мотори на Кина и Америка