Борбениот авион од петта генерација Су-57 успешно ја заврши својата прва етапа на комплексните државни тестирања, каде во пракса ги потврди своите летечко-технички карактеристики. Самиот негов дизајн и применетите технолошки решенија имаат мошне добар потенцијал за негова понатамошна надградба, при што во еден момент може да се направи верзија која во целост ќе биде беспилотна. Ова во интервју за весникот „Росијскаја газета“ го изјави претседателот на комитетот на Советот на Федерацијата за одбрана и безбедност, генерал-полковник Виктор Бондарев.
Неодамна на форумот „Армија-2018“ кој летоска се одржа во Москва заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко изјави дека постојат планови за негово понатамошно усовршување, кои сигурно се поврзани со денешната изјава на Бондарев.
Дека проблематиката на развојот на потполно роботизирани борбени авиони посебно ги преокупира руските авиоконструктори неодамна потврди и главниот конструктор на РПБК Гиви Џанџгава. Според него, работата над беспилотни ловечки апарати не е нов проект и е актуелен уште од времето на поранешниот СССР. Имено, уште во 70-те години на 20 век советската/руска конструкторска елита работела на проект роботизација на авионот-ловец МиГ-21, при што тој авион дури и реализираше пробен лет. Меѓутоа, според Џанџгава, и понатаму постои широк спектар на задачи каде влијанието на човечкиот фактор е решавачко, но и специфични ситуации кои се исклучително ризични и во кои е погодно да се користат беспилотни авиони со цел зачувување на животите на борбените пилоти.
„Освен што зачувувањето на човечките животи е најважната задача на рускиот воено-индустриски комплекс, тој во овој случај има и своја конкретна цена на чинење. Имено, цената на обуката на пилотот и подоцна неговото непроценливо борбено искуство чинат практично исто како борбен апарат. Во услови на воена состојба брзо ќе се направи нов авион, додека за создавање на еден комплетен борбен пилот се неопходни децении“, нагласува началникот на РПКБ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче