Руските системи за ПВО од типот на С-400 се меѓу најнапредните во светот, поради што многу земји настојуваат да го набават, изјави експертот на Стокхолмскиот институт за истражување на мирот Сајмон Висман.
„Радарот и другата надзорна опрема на системот С-400, како и неговите ракети, делуваат преку огромни растојанија. Радарот детектира мети на оддалеченост од 600 километри, а дострелот н ракетите изнесува 400 километри. Прецизен е, во состојба да следи голем број потенцијални мети истовремено, вклучувајќи ги и оние кои користат стелт технологија“, ги пренесуваат медиумите зборовите на Висман објавени на ТВ-каналот „Ал Џезира“.
Според него, С-400 е мобилен и може да изведе три операции за само неколку минути: распоредување, дејство и преместување.
Договори за набавка на С-400 потпишаа Кина, Индија и Турција, која и покрај заканите на САД не се откажува од оваа намера.
„Фактот дека Турција не им се потчинува на САД покажува дека таа си е самата свој газда и дека е во состојба да им се спротивставува на Америка и на НАТО“, рече Висман.
Во понеделникот началникот на штабот на индиските копнени сили Бипин Рават, коментирајќи ја набавката на С-400, изјави дека неговата земја сфаќа дека би можела да се соочи со американски санкции, но дека води независна политика.
Во петокот Русија и Индија се договорија за испорака на С-400. Притоа договорните страни разгледуваа начини за заобиколување на американските санкции при исплатата на договорот за вооружување.
Во септември вицепремиерот во руската влада Јуриј Борисов соопшти дека Турција ќе ги добие своите системи за противвоздушна одбрана С-400 следната година, и покрај постојаниот притисок од САД.