„Панцирите“ соборија два дрона – во возвратен удар Су-34 и Су-35С „збришаа“ бази на терористите

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Руските средства за ПВО кои ја бранат воздухопловната база „Хмејмим“ во последните 30 дена уништија 47 дронови, вклучувајќи ги и последните два кои синоќа беа соборени. Во возвратниот удар на руската авијација во целост се уништени објекти за производство на беспилотни летала, како и складови со вооружување и воена опрема на терористичката организација „Џебхат ан-Нусра“.

Системите за противвоздушна одбрана кои ја чуваат руската воздухопловна база „Хмејмим“ во Сирија неутрализираа уште еден обид за нејзино загрозување од страна на беспилотни летала со кои управуваа терористи, соопшти во средата за информативниот портал „Интерфакс-АВН“ официјалниот претставник на руското Министерство за одбрана генерал-мајор Игор Конашенков.

„Во вечерните часови на 4 септември одбранбените противвоздухпловни средства распоредени околу воздухопловната база „Хмејмим“ открија, а потоа и уништија, две беспилотни летала кои се приближуваа до базата. Вкупно во последните месец дена средствата за ПВО кои ја бранат базата уништија и соборија 47 беспилотни летала кои ги употребија терористите“, истакна рускиот генерал.

Според него, „како реакција на сѐ почестите напади, дејствуваше руската авијација која со четири авиони изведе воздушни удари по позициите контролирани од припадниците на терористичката група „Џебхат ан-Нусра“, а кои се уништени со употреба на високопрецизна муниција“.

Генералот нагласи дека воздушните удари биле насочени врз терористички точки кои се наоѓаат надвор од населени места, а во кои се наоѓале беспилотни летала, како и врз позиции од каде се лансирани и наведувани заради напади врз руската авиобаза „Хмејмим“, вклучувајќи и напади врз воени и цивилни цели во провинциите Алепо и Хама.

Конашенков истакна дека во операцијата учествувале повеќенаменски борбени авиони Су-34 и Су-35С.

„Два повеќенаменски ловци-бомбардери Су-34 со високопрецизен удар уништија објект во кој терористите склопуваа беспилотни летала, како и убојни средства со кои ги опремуваа“, истакна Конашенков. „Покрај тоа, два повеќенаменски ловци Су-35С од генерацијата 4++ со високопрецизна бомба во целост уништија скривница во која терористите ги складираа лесни ПА преносни системи кои се лансираат од рамо“, додаде рускиот генерал.

„Напоменувам дека сите удари се извршени врз објекти за кои одамна се знае дека се во функција на терористите и кои се наоѓаат далеку од околните населени места“, нагласи на крајот Конашенков.

Прочитајте повеќе: Сирија: Руските „Панцири“ собориле 42 беспилотни летала изминативе 45 дена?