Руската авијација тргна на Идлиб: За 24 часа околу 50 авиоудари врз позициите на терористите

Слободан Ѓукиќ
Руската авијација, судејќи според сѐ, започна поширока акција на бомбардирање на позициите кои се наоѓаат под контрола на терористичките сили концентрирани во регионот Идлиб. Овој регион во последно време е многу нестабилен, од каде многу често беа изведувани масовни напади со импровизирани беспилотни летала врз позициите на сириската, но и на руската војска.

Руските Воздушно-космички сили кои се наоѓаат во Сирија почнаа воздушна операција на бомбардирање на позициите под контрола на вооружените одреди на сириската опозиција кои се наоѓаат во провинцијата Идлиб на северозападот на Сирија, пренесува рускиот информативен портал „Интерфакс“ врз основа на извори од редовите на сириската опозиција.

„Три руски ловци-бомбардери, стационирани на просторот на воздухопловната база „Хмејмим“, изведоа најмалку 20 воздушни удари“, ги цитира порталот информациите до кои дојде од сириски опозиционери. Весникот Лента.ру истакнува дека се работи за воздушна акција од пошироки размери во кој за кратко време се изведени повеќе од 50 авиоудари на запад и на југ на оваа провинција.

Изворот додава дека нападите се изведени на подрачјето западно од градот Идлиб и северно од градот Хама. Покрај тоа, бомбардерите на руските Воздушно-космички сили се насочени и кон позициите на сириската опозиција која ги контролира градовите Џишр аш-Шугур, Бисенкул, Гани, Инеб, Сирманија па сѐ до реонот на населеното место Зејтун северно од градот Хама.

Засега сѐ уште нема податоци за ефектите на овие напади, поточно за тоа што сѐ е уништено, како и за бројот на евентуални жртви.

Токму од ова подрачје во последно време се организираат зачестени напади кои терористите ги вршат со употреба на голем број импровизирани беспилотни летала. Така, во последниот напад кој дојде од регионот Идлиб, настрадаа неколку сириски војници, а многу често на удар на дронови е и руската воздухопловна база „Хмејмим“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња