Како што објасни интернет порталот bmpd, а пренесе новинската куќа РГ, се работи за системот за откривање, идентификација и управување со оган 101КС-Н кој се закачува на подтрупниот носач на ова летало. Имено, повеќенаменскиот авион-ловец од петта генерација Су-57 (евиденциски број на леталото „055“) кој учествуваше во летачката програма на авиомитингот одржан по повод 65-годишнината од основањето на Луховицкиот воздухопловен завод, беше фотографиран со интересен предмет што се наоѓаше на подтрупниот носач на авионот.
Повеќето посетители првин помислија дека се работи за ракета, меѓутоа на фотографијата јасно се гледа дека не станува збор за никакво убојно оружје како што е бомба или ракета, туку за новиот оптоелектронски систем за управување со оган кој инаку се развива за овој авион.
Подтрупниот оптоелектронски контејнер 101КС-Н е развиен за употреба на перспективните борбени летала од руско производство, како што е Су-57. Произведен е од Уралскиот оптомеханички завод („Уральский оптико-механический завод“). Според информациите кои доаѓаат од компанијата, се работи за повеќеканален оптоелектронски нишански систем кој главно се закачува на подтрупните носачи на авионот. Неговата основна намена е откривање и идентификација на копнени цели на непријателот, како и примена/наведување на убојни средства по откриените цели.