Советските бродови во ново руво: Русија ги опремува старите бродови со нов систем за ПВО

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Понекогаш е потребно да се погледне назад за да може да се оди напред. Токму тоа го стори руската морнарица опремувајќи ги советските корвети со современо оружје.

Руската морнарица во 2019 година ќе добие две ракетни корвети од проектот 1241 „Молнија“ (според НАТО „Tarantul V“). Бродовите се направени во советско време, а сега се модернизираат и ќе служат како засилување на крајбрежната одбрана на Црното море и на Каспиското езеро.

Двете корвети се ненадејно и неочекувано дополнување на арсеналот на руската Воена морнарица. Овие бродови првично беа наменети за странски клиент чиј идентитет се чува во тајност. Меѓутоа, договорот е раскинат поради недостиг на пари, така што Русија ги задржа новите бродови за себе.

Главната разлика меѓу масивната советска ракетна корвета од 1980-те и нејзината современа варијанта е во архитектурата и вооружувањето.

Конструкторите, пред сѐ, ги подобрија условите за живот на посадата. Покрај тоа, застарените советски системи за вооружување ги заменија со современите противбродски ракети X-35У и системот „Панцир-М“, поморската верзија на познатиот систем за ПВО „Панцир-С1“.

Моќно оружје

„Панцир-М“ е секако најважниот додаток. Интересно е што модернизираните советски корвети се првите бродови на руската Воена морнарица кои ги добија овие системи.

Морската верзија на ракетата може да пресретнува други ракети за време на силна бура и високи бранови на море. Таа ќе биде и покомпактна во споредба со копнената верзија и ќе има слој на заштита од корозија, така што и рокот на траење ќе ѝ биде подолг. Дополнително, овој систем ќе може истовремено да следи и соборува 4 воздушни цели со ракети и проектили со калибар 30 милиметри.

Брзината на стрелба на системот „Панцир-М“ е исто така фасцинантна. Тој истрелува 160 артилериски проектили во секунда, т.е. 9600 проектили во минута.

„Системот „Панцир-М“ го штити бродот во радиус од 20 км. Тоа значи дека се работи за ефикасно одбранбено оружје во секој потенцијален конфликт“, изјави во интервјуто за порталот Russia Beyond Александар Денисов, генерален директор на Компанијата за производство на високопрецизни системи која го произведува ова оружје.

Корветите покрај новиот систем за ПВО ќе добијат и ракетни лансери со по 8 ракети Х-35У. Тие можат да ја ликвидираат секоја надводна цел во радиус од 260 км. Бродовите исто така добиваат интерни системи за електромагнетна заштита кои се применуваат во радиоелектронска борба. Во наредните години овие години ќе се применуваат за крајбрежна заштита и борби против морските пирати.

Прочитајте повеќе за руската невидлива фрегата „Адмирал Горшков“