Кина изврши прием на првиот полковски комплет противвоздушни системи С-400 „Триумф“, јавуваат руските медиуми.
Извор од рускиот воено-дипломатски ресор изјави за агенцијата ТАСС дека на Кина по поморски пат ѝ е доставен полковски комплет С-400, дека целата потребна документација е потпишана и дека ПВО-ПРО системите сега се официјално во сопствеништво на Кина.
Од Федералната служба за воено-техничка соработка не сакаа да ја коментираат оваа информација.
Кина е првиот странски купувач на системот „Триумф“. Договорот за испорака на два полковски комплети С-400 е потпишан 2015 година. Во мај 2018 година две товарни пловила со лансери, радари и енергетски системи, како и со мобилен команден пункт и друга техника пристигнаа во кинеско пристаниште.
Третиот брод, кој превезуваше помошна опрема за ПВО-системот го затече бура во каналот Ла Манш. Притоа товарот беше оштетен, а пловилото беше принудено да се врати во Русија заради процена на штетата. Договорената техника ѝ беше предадена на Кина подоцна.
Системот за ПВО-ПРО С-400 „Триумф“ е наменет за пресретнување на сите воздушни цели во радиус од 400 километри. Дострелот може да се зголеми на 600 километри со приклучување на дополнителни модули. Во Кина „Триумф“ се смета за најдобар ПВО-систем на светот. По Кина С-400 нарачаа и Турција и Индија.