На состанокот присуствуваше и министерот за одбрана на РФ, генерал на армија Сергеј Шојгу, кој рече дека „претпријатијата кои се наоѓаат во состав на воено-индустрискиот комплекс успешно испорачаа повеќе од 600 нови единици вооружување, стандардна и специјална воена техника“.
Во целина, испорачани се 11 авиони од различни тип и намена, 5 хелихоптери, 36 радарски станици со различно ниво на модификација, 3 борбени брода вклучувајќи го средниот извидувачки брод „Иван Хурс“ и малиот ракетен брод „Вишни Волочек“.
„Покрај тоа, Вооружените сили добија и нова инженериска и автотранспортна техника, воздухопловно вооружување, средства за врска, како и нови видови на муниција и други убојни средства“, нагласи министерот.
Според него, „повеќето од овие најсовремени примероци на руско вооружување ќе бидат прикажани на Меѓународниот воено-технички форум „Армија-2018“, каде што посетителите ќе можат да се запознаат со нивните технички и борбени способности“.
„Што се однесува до изградбата на објекти и инфраструктура оваа година беше многу успешна, бидејќи до крајот на годината ќе бидат оспособени 3573 објекти, за што се издвоени 113,9 милијарди рубли. Во првата половина на 2018 година ставени се во употреба 1281 објекти, што е двапати повеќе од истиот период минатата година“, нагласи Шојгу.
„Ваквото високо темпо во изградбата на воена инфраструктура се реализира благодарение на строгата контрола кога станува збор за зададените рокови, но исто така и на многу подобрата организација, поквалитетната работна сила, механизацијата, новите материјали кои се користат во градежништвото, како и типовите на нови конструкции кои се применуваат во Министерството одбрана на Русија“, констатираше министерот.
„Посебен интерес за Министерството за одбрана и понатаму предизвика подобрувањето на ударната нуклеарна тријада во состав на стратешките сили на руската армија. Од почетокот на оваа година, во функција влегоа 219 објекти кои ги подобрија борбените способности на Воената морнарица, Космичките сили и Ракетните сили за стратешка намена. Понатамошниот развој на руските стратешки сили и понатаму ќе остане приоритет на ова министерство“, истакна Шојгу.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче