Русите започнаа мегаоперација за опремување на војската под шифра „Стандард“

Слободан Ѓукиќ
Руското Министерство за одбрана започна со изработка на проект за масовно превооружување на артилериско-ракетните единици за ПВО кои се наоѓаат во составот на Копнената војска. Основната цел на овој проект е постигнување на стандардот на врвен квалитет кој ќе го замени досегашниот квантитет.

Противвоздушната одбрана на Копнената војска ќе премине на единствен стандард. Се планира до 2022 година во единиците за ПВО кои се поврзани за видот на Копнената војска, да започне масовна замена на застарените артилериски и ракетни системи. Во таа смисла создадено е специјално одделение во Министерството за одбрана кое ќе се занимава со оваа проблематика. Целата оваа операција за масовно технолошко унапредување на противвоздушните единици на Копнената војска го доби кодното име „Стандард“. За целата оваа амбициозна приказна да биде успешно реализирана неопходно е прво да се изработи сложен, мултидисциплинарен научно-истражувачки проект кој ќе ги вклучува практично сите компании и конструкторски бироа кои се специјализирани за производство на најсложени борбени системи. Целта е со текот на неговата имплементација да се развие нова линија концепт за нивна примена. Новите ракетни системи ќе мора да бидат така направени за да се придржуваат на исклучително строгите барања кои се однесуваат на унификација и стандардизација. За максимално искористување на нивниот борбен потенцијал тие ќе бидат поврзани во интегриран команден систем.

За изработка на научно-истражувачкиот проект руското Министерство за одбрана веќе издвои сума во висина од околу половина милијарда рубли (6.5 милиони евра). Според оцените на воените експерти, модернизацијата на противвоздушната одбрана во голема мера ќе ја зголеми способноста на Копнената војска.

Како што е изјавено за сајтот на „Известија“ од Министерството за одбрана, канцеларијата која е посебно одредена за оваа програма веќе започнала со реализацијата на првата фаза на овој проект кој се состои од обемна научно-истражувачка работа со кодно име „Стандард“. Вкупната цена на овој проект изнесува 422 милиони рубли. Во план е прелиминарната варијанта на овој проект која се однесува на модернизација на средствата за ПВО да се претстави до крајот на 2020 година, а нејзината завршна концепција со комплетниот план, програмата, новите средства итн. до крајот на 2022 година. Како што рековме, првата фаза од реализацијата на овој обемен проект опфаќа темелна научно-истражувачка активност, додека втората фаза подразбира конструирање и тестирање на нови и длабоко модернизирани типови борбена техника кои ќе можат да го реализираат овој мошне сложен концепт.

Една од главните точки на оваа програма е модернизација, унификација и обединување на сите средства за противвоздушна одбрана на Копнената војска во еден интегриран „чадор“ (од лесно преносливи ракетни системи, па сè до различни варијанти на С-300). Ваквиот пристап ќе донесе и извесни новини во организацијата на стратегијата за примена на ПВО во единиците на Копнената војска. Претходно секој систем за ПВО дејствуваше како автономна единица. Сега воздушниот простор над пешадиските, оклопно-механизираните и артилериски единици на боиштето, ќе ги чуваат апсолутно сите борбени потенцијали на ПВО кои се интегрирани во една целина.

Во перспектива ќе биде конструирана нова линија противвоздушни ракетни системи. За овие средства се развива универзален радиоелектронски комплекс и други електронски компоненти кои ќе бидат апсолутно унифицирани и компатибилни една со друга. Исто така, истиот принцип ќе се применува и за ракетните проектили кои ќе ги поседуваат овие системи.

Во рамките на програмата „Стандард“ особено внимание ќе биде насочено кон понатамошното унапредување на радарскиот комплекс и на автоматскиот систем за управување. Новата техника ќе овозможи сите информации добиени од локаторот да се обработуваат во режим на реално време. Ваквиот начин на обработка на информациите ќе му овозможи на автоматскиот систем за управување (овој систем во себе ќе има елементи на вештачка интелигенција) што попрецизно да ја анализира воздушната ситуација над боиштето, и на операторите на ракетните системи брзо да им ги проследи податоците за најопасните цели на непријателот, и на адекватниот тип на вооружување со кои тие најефикасно ќе бидат уништени.

Планирано е од новите ракетни системи да се образуваат неколку одбранбени линии за ПВО кои ќе работат во единствен систем на управување. Ваквата интеграција во голема мера ќе ја зголеми ефикасноста на сите оружја (ракетите со краток, среден и голем дострел) кои се наоѓаат во авионот, минијатурни беспилотни летала, па сè до ракети кои се лансирани од лансер за ракети со повеќе цевки. Особено внимание ќе биде насочено на решавање на исклучително сложните борбени сценарија, како што е на пример одбивањето масовен напад со крстосувачки и со балистички ракети.

Кога станува збор за опремувањето на самите единици ќе се бара квалитет, а не квантитет. Голем број застарени системи ќе бидат отпишани. Во пензија ќе заминат системите за ПВО со краток дострел како што се „Шилка“, „Тунгуска“, базичните верзии на системот „Тор“. Ќе бидат отпишани и првите модификации на системот со среден дострел „Бук“. Се претпоставува дека по имплементацијата на овој проект во единиците за ПВО на Копнената војска ќе остане само најновата верзија од семејството на овие системи која ја носи ознаката Бук-М3 - „Викинг“, како и тоа дека оваа верзија ќе мора да добие сериозен пакет модернизација за воопшто да може да стане дел од оваа суперквалитетна програма. Ова исто така се однесува и на ракетните системи со голем дострел С-300, каде Копнената војска ќе ги задржи само моделите С-300В и С-300ВМ кои исто така ќе морат да минат низ обемна модернизација до ниво С-300В4+. Сите останати варијанти ќе бидат отпишани.

Планот за унификација на системите за ПВО на Копнената војска е одлука која е донесена во вистинско време, а која ќе го олесни производството, експлоатацијата и обуката на ракетниот екипаж, истакна поранешниот командант на Ракетната војска за ПВО генерал-потполковник Александар Горков.

Проблемот кој е поврзан со ефикасната организација на различни системи за ПВО е мошне сложен и изискува многу време за негово решавање, истакнува експертот. Системот за ПВО на различни тактички нивоа, од дивизија до армија, се мошне различни кога станува збор за принципите за нивна употреба, за унификацијата на техниката и вооружувањето итн. Нивната основна структура е различна. Сето тоа во целина ја намалува ефикасноста на ПВО на Копнената војска. Претстојната унификација на сите елементи за ПВО кои се наоѓаат во состав на Копнената војска ќе дозволат образување на комбинирани борбени групи за ПВО во зависност од специфичните задачи кои треба да се решат.

Војската за противвоздушна одбрана на Копнената војска претставува род на Копнената војска на Руската Федерација кој е наменет да ги заштити тактичките, но и оперативно-стратешките единици како што се армиите, од дејствувањето на непријателската авијација и крстосувачките ракети. Во својот состав има противвоздушни ракетни системи со краток (до 30 километри), среден (до 100 километри) и голем дострел (над 100 километри). Покрај тоа, тука се и артилериските системи кои спаѓаат во системот со краток дострел. Вкупната сила на најсовремените примероци вооружување кое го сочинуваат системите со краток, среден и голем дострел денес изнесува 35%. Во првите години од следната деценија во план е овој процент да се зголеми до 70-75%.

Прочитајте уште: Најмоќното руско оружје: Шест видови вооружување за кое не постои одговор

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња