НАТО доби совет да се чува од „тајната морнарица” на Русија

ЦКБ „Рубин“

Руската воена морнарица има мошне импресивен спектар на можности поради новите бродови, подморници и крстосувачки ракети. Меѓутоа, Русија има и „тајна морнарица“ под контрола на Главната управа за длабоководни истражувања, пишува The Interpreter, портал на сиднејскиот аналитички центар Lowy Institute.

Главната управа за длабоководни истражувања не е дел од руската Воена морнарица. Нејзиниот персонал и бродовите се наоѓаат во посебни бази. Доковите на овие бази се скриени за да се избегне набљудување на техниката. Овие мерки се оправдани поради задачите кои ги има управата. Тие се движат од океанографски снимања до распоредување и техничко одржување на длабоководната воена техника, вклучувајќи ги системите за откривање на подморници, како и за откривање но и уништување на подводни комуникациски кабли. Авторот на статијата претпоставува дека новите беспилотни подводни апарати „Посејдон” исто така ќе бидат во надлежност на Главната управа за длабоководни истражувања.

И Џејмс Бонд лично би можел да ѝ позавиди на Управата на опремата и техниката што ја користи, пишува порталот. Како пример авторот на статијата го наведува истражувачкиот брод „Јантар”, кој е носач за длабоководни апарати, беспилотните подводни апарати „Клавесин“ и подводниот систем за следење „Гармонија”.

Меѓутоа, целата оваа нова техника паѓа во сенка кога се зборува за нуклеарните длабоководни станици и подморниците за специјална намена со кои располага Управата за длабоководни истражувања. Тоа се подводните апарати со мали димензии како што се „Нељма”, „Палтус” и современиот „Лошарик”. Нивни носачи се подморниците „Оренбург” и „Подмосковље”, кои претходно се користеа како носачи на балистички ракети.

Главниот адут на Главната управа за длабоководни истражувања ќе биде „Белгород”, најдолгата подморница на светот која, како што претпоставуваат во Сиднеј, ќе ги носи длабоководните и подводни беспилотни апарати „Посејдон”.

Иако флотата на Главната управа за длабоководни истражувања е мала во споредба со флотата на Воената морнарица на Русија, НАТО и Австралија не треба да ја потценуваат. Според мислењето на авторот на текстот, длабоководните апарати на Управата можат да набават непроценливи разузнавачи податоци така што се приклучуваат на подводните комуникациски кабли. Во случај на  конфликт, тие исто така ќе можат и да ги уништат и на тој начин да го дезорганизираат противникот. Освен тоа, Русија може да го користи искуството на Главната управа за длабоководни истражувања на Арктикот, заклучува The Interpreter.

Прочитајте повеќе: На Крим почна тестирањето на новиот подводен робот „Клавесин-2Р“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња