Извор: Press Photo
И покрај технолошките откритија во конвенционалното војување, торпедните напади на подморниците останаа главна закана за бродовите и за посадата во втората половина од 20 век.
Вооружени првенствено со торпеда, подморниците мораа неоткриено да дојдат на оддалеченост за напад. Сепак, новите технолошки можности што се разработени против подморниците и торпедата, му помогнаа на непријателот – на бродовите на површината и на другите подморници – многу поефикасно да се справуваат со заканите кои доаѓаа одоздола.
Со оглед на тоа дека советските подморници од шеесеттите и од седумдесеттите години од минатиот век биле инфериорни во однос на американските модели според бучавата што ја создавале, московските инженери се интересирале како да разработат нов револуционерен дизајн на оружје, со цел руските подморници да можат да им парираат на американските. Така, Шквал, кој со децении бил разработуван, конечно бил воведен во употреба во 1977 година.
Со својата брзина од 200 јазли, на кои никој сè уште не може да им парира (иако во 2005 година Германија изјави дека го произвела торпедото Баракуда кое отприлика има иста брзина, а Иран во мај кажа дека поседува подводни ракети со истата брзина), Шквал е двојно побрз од традиционалните торпеда кои остануваат главно вооружување на подморниците во светските флоти.
Оваа брзина е постигната благодарение на ракетниот мотор и на примената на суперкавитацијата. Носот на торпедото при големи брзини создава гасни меурчиња околу целата површина за да се намали триењето во водата, На овој начин торпедото не „плива“, туку „лета“ – обвиен со гасни меури, а за погон се користи ракетен мотор.
Откако торпедото ќе биде лансирано од цевката, неговиот програмиран автопилот користи ракети на цврсто гориво за да ја постигне потребната насока и длабочина за време на создавањето на гасниот меур.
Кога почетниот мотор ќе остане без гориво, се исфрла задниот дел на торпедото, а почнува да работи главниот мотор на база на хидрореактивен литиум.
Морската вода сега минува низ дупка во носот, овозможувајќи му на торпедото, чиј врв е во контакт само со водата, да ја постигне најголемата брзина за 15 километри.
Иако суперактивацијата оневозможува ефикасно користење на системот за водење оружје, нејзината експлозивна сила го надополнува тоа. Нуклеарната експлозија со сила од 150 килотони може да уништи непријателска подморница или брод на површината во радиус од еден километар.
Шквал, кој се наоѓаше во поголемиот дел советски нуклеарни подморници, се сметаше за ефикасен и во фазата на напад, и како одбранбено оружје во случај на непријателски напад на подморница.
Со својата брзина од 6 километри во минута Шквал можеше да ги измеси сите непријателски планови: додека американските подморници имаа предност, благодарение на својата стелт-технологија (мала радарска видливост), кога се приближуваа и го задаваа првиот удар високобризнското торпедо можеше да се испука пред да биде донесена одлука за повлекување. Значи, додека подморницата што бега не може да ги пресмета насоките за торпедото кое е веќе во водата, огнената моќ на Шквал може да осигури разорен контранапад.
Ова уникатно оружје ѝ овозможи на советската морнарица да го надополни заостанувањето, поради послабата стелт-технологија. Ова заостанување беше елиминирано во деведесеттите години од минатиот век.
За Шквал светот дозна во шпионскиот случај од 2000 година, кога Американецот Едмонд Поп беше испрашан и осуден во Русија поради обид за добивање тајни податоци за оружје.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче