Извор: ТАСС
Проектантите од рускиот Далечен Исток планираат да се обединат во кластер за изработка на оригинални подводни роботи кои со месеци би можеле да извршуваат комплицирани задачи, па дури и делумно да ги заменат нуркачите. Ќе се применуваат за воени и за цивилни цели – на пример за геолошки набљудувања и испитувања на епиконтиненталниот појас.
Според проектантите, руските подводни роботи во блиска иднина ќе можат да излезат на пазарот на тихоокеанскиот регион. За најперспективни странски партнери во областа на роботизираниот систем се сметаат земјите од Југоисточна Азија, Индија, Кина и Јужна Кореа.
Контролен пункт
Основањето на кластерот го иницираше концернот „Моринформсистема-Агат”. Оваа компанија над 60 години работи на полето на автоматизирани системи за управување за руската флота. Во рамките на кластерот се планира и единствен комплексен систем што ќе служи за управување со хидромашините на големо растојание.
„Поморскиот роботизиран систем ќе се гради според модуларен принцип, што значи дека ќе биде универзален“, вели за „Руска реч на македонски“ Марија Воробјова, секретар за односи со медиумите на овој концерн. Проектантите се надеваат дека кластерот ќе придонесе за зајакнување во одбраната на тихоокеанската граница на Русија. „Планираме со помош на партнерите да создадеме комплексно решение кое ќе се применува како за одбрана на руските граници и на економските зони, така и за цивилни цели“, прецизираше Воробјова.
Во кластерот треба да влезат околу 20 руски претпријатија, вклучувајќи ја и групацијата Тетис, како и концерните Океанприбор и Поморско подводно оружје – Хидроприбор. Основањето на концернот го поддржаа над 100 индустриски и научни организации.
Рускиот Далечен Исток како татковина на роботите
На русиот Далечен Исто работат неколку научно-истражувачки институции и индустриски претпријатија. На пример, во Институтот за проблеми на поморската технологија се прават уреди кои се влезени во вооружувањето на Северно и на Црно море и во Тихиот океан.
Токму тука беше направен роботот Клавесин-1Р, кој може да нурка на длабочина до шест илјади метри. Тој ги покажа своите можности на дното на Арктикот, каде сета останата техника не можеше да ги издржи температурните услови. Клавесин на научниците им помогна во собирање доказ за тоа дека Гребенот на Ломоносов во Северниот леден океан претставува продолжение на територијата на Русија. Сега Министерството за одбрана на Русија го вброи во својот арсенал.
На Далекуисточниот федерален универзитет работи еден од најсилните светски тимови за подводна роботизирана техника. Универзитетот се надева дека со помош на кластерот ќе конструира подводни автономни и теледиригирани роботи кои ќе се занимаваат со вадење нафта, со мониторинг на еколошката ситуација и со безбедносни прашања.
Роботи побрзи од нуркачите
„Времето што човекот го поминува под вода би можело десеткратно да се намали благодарение на роботите“, изјави за „Руска реч на македонски“ Алексеј Цхе, проректор за наука и иновации на Далекуисточниот федерален универзитет (ДВФУ). „На решавањето на овој проблем работи целиот свет, вклучувајќи ги и нашите партнери од Кореја, Кина, САД и Сингапур. Секако, автономните подводни уреди кои се направени на овој универзитет не можат да ги вршат сите функции што ги врши човек на големи длабочини. Но, еден дел, да кажеме визуелниот преглед и дијагностиката, роботите ќе ги прават побрзо од човекот“, истакнува Цхе.
Без оглед на големиот потенцијал на руските научници и на проектантите, нивните проекти засега не се водат доволно активно. Постојат и проблеми кои се поврзани со маркетингот и со комерцијализацијата на нагледните примероци. Иницијаторите на кластерот на рускиот Далечен Исток се надеваат на успешно решавање на овој проблем.
„За воведувањето на подводни роботи потребен е пред сè индустриски партнер кој би помогнал идејата да дојде на ниво на мостра и големи индустриски перспективи. Во кластерот полагаме големи надежи, зашто е насочен токму на комерцијализација на руските пронајдоци и проекти“, заклучува Алексеј Цхе.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче