С-500 „Прометеј“ ќе урива цели кои летаат со брзина од 15.6 маха на висина до 250 км

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Перспективниот комплекс на противвоздушната и на противракетната одбрана С-500 „Прометеј“ ќе стане национален систем за заштита од широк спектар воздушно-космички средства за напад. Ви откриваме неколку важни карактеристики со кои ќе се одликува овој систем.

С-500 во секоја смисла ќе стане носечки систем за ПВО-ПРО, поточно тој ќе биде наменет да дејствува на сите висини кои се апсолутно недостапни за останатите системи. Вертикалниот дострел на неговите ракети ќе надмине висина од 100 километри и ќе има способност да пресретнува воздушни објекти во зоната на блискиот космос. Во оваа зона се наоѓаат голем број воени сателити кои имаат широка намена (набљудување, врски, навигација, наведување огнени средства). Во овој појас се наоѓаат и голем број траектории за балистички ракети каде на висини поголеми од 100 километри се раздвојуваат боевите глави од ракетата-носач, кои потоа се насочуваат кон целта. Досега овој дел од воздушно-космичкиот простор останува недостапен за системите за ПВО. Со појавувањето на најновиот систем С-500 „Прометеј“ работите радикално ќе се изменат.

Според податоците што доаѓаат од различни извори, системот С-500 во својот борбен комплет ќе има наведувачка ракета 40Н6 која ќе може да пресретнува цели на висина и до 250 километри. Овие ракети ќе имаат напреден систем за самонаведување кој во голема мера ќе се разликува од останатите ракети на противвоздушната одбрана кои главно се потпираа на земските радарски станици. За неа е развиена сосема нова глава за самонаведување која ќе работи во двата режима на работа, полуактивен и активен. Оваа глава ќе се одликува со висок степен на чувствителност на огромен број воздушни објекти кои имаат мошне низок степен на радарска рефлексија, како што се на пример хипербрзите и мали објекти како балистичките ракети. Ќе се одликува и со зголемен дострел надвор од зоната на целта, и тоа како по далечина, така и по ширина.

Ракетата ќе биде двостепена со погонски мотор на цврсто гориво. Овој мотор ќе ѝ обезбеди на ракетата брзина и до 9 маха, и тоа во сите параметри од нејзиниот лет. Ваквата брзина на ракетата ќе овозможи пресретнување на воздушните објекти кои ќе летаат со брзина и до 15.6 маха. Ќе се карактеризира и со способноста за агилна промена на правецот каде ќе може да „брка“ воздушни објекти кои маневрираат при оптоварување и до 25G. Нејзиниот оперативен радиус на дејствување ќе изнесува околу 500 километри, а веројатноста за уништување на целта со една ракета ќе ја достигне вредноста од 95%. Ќе се одликува со мошне силна боева глава од шрапнелно-разорен вид.

Министерот за одбрана на Руската Федерација, генерал Сергеј Шојгу, уште во 2017 година истакна дека новиот тип ракети со зголемен дострел се наоѓа во завршната фаза на тестирање, која претходи на усвојувањето во вооружувањето. Навистина, тој тогаш не прецизираше за кој конкретен модел ракета станува збор, но со голема доза сигурност сепак може да се претпостави дека станува збор за ракетата 40Н6.

Друга карактеристика на „Прометеј“ е архитектурата на самиот систем. За разлика од стандардните системи за ПВО кои во својот состав имаа еден универзален радар кој извршуваше функција на откривање, префаќање и следење различни воздушни објекти, кај системот С-500 тоа нема да биде така. Имено, овој систем според својот обем ќе биде вистинско „чудовиште“, зашто секој вид воздушна цел ќе има по еден специјализиран радар.

Условно, еден радар ќе биде задолжен исклучиво за стандардни воздушни цели како што се авиони и хеликоптери, друг радар ќе биде задолжен за крстосувачките ракети и стандардните ракети од класата воздух-воздух со голем дострел, третиот радар ќе биде исклучиво наменет за борба против балистички ракети, а четвртиот за борба против сателити.

Аналогно на радарите ќе дојде до промена и на единиците за лансирање зашто овој систем ќе поседува и далеку поширок арсенал расположливи ракети, каде секоја од нив ќе биде специјално наменета за една од погоре наброените цели.

Неодамна се појави информација дека еден од серијата нови радари од типот „Енисеј“ кој ќе биде интегрален дел од системот С-500, за првпат е тестиран на полигонот Ашулук за време на вежбите на руските воздушно-космички сили. Според извори од Министерството за одбрана, сериското производство и опремувањето на руските воздушно-космички единици со системот С-500 треба да започне во 2020 година. Две современи фабрики (Кировската и Новгородската) за производство на врвна воена техника кои се наоѓаат во состав на концернот „Алмаз-Антеј“ веќе започнаа производство на определени компоненти од овој систем.