Тихоокеанската флота на Русија останува без легендарните подморници од класата „Каљмар”

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
До 2020 година од составот на Тихоокеанската флота ќе бидат исклучени и расходувани две легендарни подморници од проектот „Каљмар”: „Георгиј Победоносец” и „Подолск”, а ќе ги заменат нуклеарни подморници од проектот „Бореј”.

„Каљмарите”, стационирани на Камчатка, се сигурни подморници, но речиси ги истрошија своите ресурси, пишува рускиот весник „Известија”.

Како што соопшти Главната команда на руската Воена морнарица, одлучено е во составот на Тихоокеанската флота „Каљмарите“ да бидат заменети со современи нуклеарни подморници од проектот 955 „Бореј”, кои се вооружени со ракети „Булава”. До 2020 година ќе бидат расходувани две од трите подморници од овој тип, а на нивно место ќе дојдат две подморници од класата „Бореј”.

Во составот на Тихоокеанската флота во моментов се наоѓаат подморници „Бореј” и три подморници „Каљмар”, при што „Каљмарите” се наоѓаат само на Далечниот Исток.

Главен брод на Тихоокеанската флота е гардискиот ракетен крстосувач „Варјаг” кој во мај 2017 година го посети Сингапур по учеството на изложбата IMDEX Asia 2017.

Освен тоа, во составот на Тихоокеанската флота влегуваат и миноносци од проектот 956 „Сарич”, големи противподморнички бродови од проектот 1155, мали ракетни бродови од проектот 1234, мали противподморнички бродови од проектот 1124 „Албатрос”, ракетни корвети од проектот 1241 „Молња”, различни миноловци, десантни бродови, како и подморници од проектот 955 „Бореј”, подморници од проектот 667БДР „Каљмар”, нуклеарна подморница со крстосувачки ракети од проектот 949АМ (949А) „Антеј”, подморници од проектот 877 „Палтус” и други бродови.

Претходно порталот „Взгљад” објави дека на служба во состав на Тихоокеанската флота веројатно ќе бидат испратени: подморницата од проектот 885М „Казањ”, унапредената подморница од проектаот 949АМ „Иркутск”, подморниците од проектот 971М „Братск” и „Самара”. А почнувајќи од 2019 година во Тихиот океан ќе почнат да пристигаат и дизел-подморници од проектот „Варшавјанка”.

Прочитајте повеќе: Руската морнарица добива подморници од четврта генерација