Командантот на Копнената војска: Руската борбена опрема „Ратник“ ги надминува странските пандани

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND
Според командантот на Копнената војска на Вооружените сили на РФ генерал-полковник Олег Саљуков, руската борбена опрема „Ратник“ ќе ги надминува странските пандани по цела низа параметри, особено американските.

Како што истакна Саљуков, руската опрема ќе биде без конкуренција во поглед на масата, отпорноста на куршуми и шрапнели на средствата за поединечна оклопна заштита, дометот на откривање и распознавање на цели со оптичко-елетронските средства за напад, дострелот на ефикасно гаѓање со стрелечко оружје и фрлачи на гранати и силата на дејствување врз целта, како и температурниот дијапазон на користење на елементите на опремата.  

Во интервјуто за весникот на Вооружените сили на РФ „Краснаја звезда“ (Црвена ѕвезда) Саљуков рече дека руската опрема гледано во целина се наоѓа на нивото на најдобрите странски пандани, а според показателите за заштитеност на средствата за индивидуална оклопна заштита на војникот значително ги надминува. Според него, опремата е полесна 2,5 килограми, меѓутоа обезбедува 1,3 пати поголема површина на заштита на витално важните органи на војникот.

Саљуков додаде дека во рамките на пробното користење на елементите од комплетот „Ратник“ е спроведено паралелно тестирање на автоматските пушки калибар 5,45 и 7,62, произведени од концернот „Калашников“ и „Заводот В.А. Дегтјарев“. Како што се покажа според конструкциските и експлоатациските карактеристики, војниците на Копнената војска, падобранско-десантните сили и морнаричката пешадија на Воената морнарица им дале предност на техничките решенија применети на автоматските пушки АК-12 и АК-15. Припадниците на единиците на Силите за специјални операции ги преферирале автоматите 6П67 и 6П68. Раководството на Министерството за одбрана ги усвои наведените автомати во вооружувањето на руската војска.

Како што истакнува Саљуков, во перспективната опрема е предвидена интеграција на мали и микророботички системи и беспилотни летала. Освен тоа, планирано е во комплетот да биде вклучен и егзоскелет.

Тој, исто така, напомена и дека е разработен и произведен електронски модул за процена на функционирањето на состојбата на војникот, кој може да работи автономно и во состав на системот за управување. Тој овозможува во режим на реално време да се регистрираат физиолошките параметри на организмот. Додаде и дека во најскоро време ќе биде тестиран во единиците на Копнената војска.

Погледнете како една девојка ја тестираше опремата „Ратник” минувајќи низ пламен и експлозии