Под целосна воена опрема: Нова верзија на „Ратник“

Војник на фестивалот „Армијата на Русија“ во Москва.

Војник на фестивалот „Армијата на Русија“ во Москва.

RIA Novosti
Воената опрема „Ратник“ спаѓа меѓу најзначајните проекти на модернизацијата на руската армија. Конечно производителот ја обелодени цената на секој комплет.

„Секој основен комплет на пешадиската опрема Ратник чини најмалку 200.000 рубли (околу 3.500 илјади американски долари). Руската армија веќе има добиено над 200.000 комплети, а до 2020 година ќе биде целосно опремена со панцирната униформа Ратник-2“ соопштува за агенцијата „Росија сегодња“ Дмитриј Семизоров, раководител на Централниот научноистражувачки институт за производство на прецизни уреди. 

Што е тоа „Ратник“?

Тоа е комплет интегрирани системи за вооружување, одбрана, управување, логистика и за напојување. 

Комплетната опрема „Ратник-2“ содржи 52 ставки, вклучувајќи панцир, шлем, гарнитура со активна заштита, заштитни очила, неколку уреди за набљудување и неколку оптички и термовизиски нишани. Овие борбени системи се наменети за функционирање во сите климатски услови од -30 до +50 степени според Целзиус.

„Оваа воена опрема можеме да ја споредиме со француската панцирна униформа FELIN која првобитно била наменета за подигање на борбената ефикасност и за координација на дејствата на војникот на фронтот. И едниот и другиот комплет имаат слични функции и опфаќаат дополнителни борбени системи. На пример, новите руски шлемови ќе бидат опремени со монитори и со термовизиски и ноќни монокулари“, вели за Russia Beyond Вадум Козјулн, професор на Академијата за воени науки.

Сите уреди ќе ги користат добро обучени теренци и припадници на специјалните единици кои дејствуваат во урбана средина и во природа. 

„Тоа се чувствителни и скапи уреди. Тие не им се потребни на редовните војници кои за една година ќе заминат од армијата. Основниот комплет на регрутите кои секоја година одат во војска (а, годишно се регрутираат 300.000 војници) содржи шушка, панцирна униформа и шлем“, додава експертот.

Камуфлажните бои на „Ратник“ се исто така специјално осмислени за тешко да се забележуваат со помош на инфрацрвени камери. Комплетната униформа е тешка 20 килограми, што е 6 килограми помалку од француската опрема FELIN, и покрај тоа што руската варијанта има и филтри за вода, миниаптека, па дури и шатор и вреќа за спиење.

Во моментов најактуелно е прашањето за оружјето што оди со овој комплет. Моментално постојат два кандидата: тоа се автоматските пушки АК-12 и АЕК-971, обете со калибар од 5.45 милиметри. 

„Тестирањето ќе биде завршено кон крајот на годината. Според сè, армијата ќе ја добие и едната и другата автоматска пушка, со тоа што ќе се користат за различни единици. Мислам дека АК-12 ќе стане масовно офанзивно оружје на пешадијата, а АЕК-971 ќе им биде доделена на специјалните единици поради нејзината чувствителност“, вели за Russia Beyond воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Литовкин.

Во моментов производителот работи на третата верзија за опремата на „Ратник“. Главната цел е интеграција на егзоскелет и на разни биомеханички инструменти кои ќе го поддржуваат војникот во борбата дури и во случај на ранување.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња