Во Русија произведена нова генерација подводна муниција за потцевен фрлач на гранати

Виталиј В. Кузмин
Во Русија е произведена нова генерација на муниција за потцевни фрлачи на гранати која е наменета за борба против подводни диверзанти. За тоа стана збор на научнотехничката конференција на претпријатието „Базалт”, посветена на развојот на средствата за војување на мало растојание во составот на руската војска до 2030 година.

„Во 2017 година со позитивни резултати се завршени државните испитувања на новиот противдиверзантски комплет муниција за фрлачи на гранати. Новата муниција е наменета за гаѓање на подводни диверзанти и според карактеристиките ги надминува постојните модели“, се наведува во официјалното соопштение на прес-службата на концернот „Техмаш”.

Тактичко-технички податоци за новата муниција не се објавени.

Уште во 2013 година на меѓународната изложба „Интерполитех” беше одржана презентација на уникатното оружје - автоматската пушка АДС, која може да се користи под вода и на копно. Под вода користи специјална муниција калибар 5,45х39 милиметри која ја погодува метата на растојание до 40 метри, додека на копно со стандардна муниција ја погодува целта на растојание до 500 метри. Брзината на гаѓање изнесува 800 куршуми во минута. Колку за споредба, германските подводни пиштоли Heckler & Koch P11 (тие не производуваат автоматски пушки) ја погодуваат целта на растојание од 17 метри. Покрај тоа, АДС како додаток ги има потцевните фрлачи на гранати калибар 40 милиметри ВОГ-25 и ВОГ-25П. Во комплетот влегуваат и тактички придушувач и различни нишани.

Освен тоа, во состав на единиците на морнарицата на бродовите и во единиците на крајбрежната стража се наоѓа и рачниот ракетен фрлач ДП-61 „Дуел”. И тој е наменет, меѓу другото, за борба против подводни диверзанти. Како муниција користи реактивни распрскувачки гранати РГ-55М, кои по изгледот потсетуваат на минијатурни длабински бомби. Дострелот му е 500 метри, а длабочината на која ДП-61 може да ја погоди целта е 16 до 18 метри.

Прочитајте повеќе: Рускиот спецназ доби нова „подводна“ јуришна пушка

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња