Министерството за одбрана на РФ ги вооружи своите нуркачи со новиот автомат АДС (амфибиска јуришна пушка).
За разлика од досегашното оружје на нуркачите, АДС е специјално конструиран за муниција која е подеднакво ефикасна во борбени дејствија под вода и над вода.
„(Претходно употребуваните) автомати АПС и пиштолите СПП-1 се направени за издолжен куршум со должина од неколку сантиметри со калибар 5,6 милиметри. Тој куршум во длабочина се однесува како харпун, т.е. лета право и под притисок на водата ја губи брзината. Меѓутоа, над водата куршумот по неколку метри почнува да ротира околу својата оска и скршнува од својата траекторија“, изјави за „Руска реч на македонски“ извор во военоиндустрискиот сектор.
Карактеристиките на новата муниција
Новиот куршум ПСП за АДС е со калибар 5,45 мм. Неговата тежина изнесува 16 грама. Брзината во воздух достигнува 330 метри во секунда.
Како што раскажа соговорникот на „Руска реч на македонски“, конструкторите создадоа специјална „платформа“ на крајот на куршумот кој создава во текот на летот под вода своевиден воздушен меур, исполнет со пареа (во техничката терминологија тоа се нарекува „кавитација“). Благодарение на тоа својство зрното се движи со висока брзина и прецизност по зададената траекторија.
Притоа куршумот ги задржа боевите карактеристики при работата над вода, а според масата и габаритот е во целост идентична на муницијата на најновата руска јуришна пушка АК-12, која веќе на крајот на годината може да почне да се користи во руската армија.
Автоматот АДС
Должината на новата пушка изнесува 60 см, а нејзината тежината е 4,5 кг. Магацинот се наоѓа зад чкрапалото, согласно „булпап“ (bullpup) конфигурацијата.
Ефективниот дострел при гаѓање на површина изнесува околу 600 метри, а на длабочина од околу 5 метри АДС може да го погоди противникот на растојание од 25 метри.
Задачите на специјалните нуркачки единици
Поморските диверзанти извршуваат широк спектар на задачи – од разузнавање и неутрализирање на вештачки препреки и подводни мини до продирање во добро чувани бази и бродови за ликвидација на противникот.
Исто така тие можат да поставуваат мини на долната страна на труповите на бродовите и подморниците.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче