Како што пренесува порталот РГ, од почетокот на своите воени операции во Сирија, турката армија има изгубено десетина тенкови од типот „Леопард-2А4“. Во принцип тоа не е ништо чудно, доколку не се земе предвид постојаното тврдење на западните воени стручњаци кои ја повторуваат мантрата за доминација на „западната“ оклопна техника во однос на руската, особено кога станува збор за нивниот оклоп и за вкупната жилавост на фронтот. Но, еве, воената кампања која тукушто ја започна турската војска опремена исклучиво со тенкови од „западно“ производство, на дело покажа колку овие стручњаци имаат право, и колку целата оваа приказна е пропагандистички „надувана“. Со увидот во следното видео, сè ќе ви стане јасно.
Дел од тенковите уште во 2016 година беа уништени со помош на противтенковскиот ракетен систем 9к111 „Фагот“, кој инаку се наоѓа во вооружувањето на сириската армија. Организираното востание на терористите овозможи да се нападнат големите сириски касарни кои во своите магацини ги имаат овие средства. Така овие ракети се најдоа во рацете на терористите, но и на препродавачите на оружје кои дебело заработуваа продавајќи им ги на заинтересираните страни во судирот.
Инаку 9к111 „Фагот“ претставува ракетен систем од советско потекло. Тој е произведен во седумдесеттите години од минатиот век и е наменет за борба против непријател кој во своите редови користи оклопни борбени средства. Пред сè ова се однесува на основните борбени тенкови, оклопните борбени возила за поддршка, оклопните транспортери, но и на елементи на наперијателски утврдени точки, како што се на пример бункери и слично. Кога е во борбена позиција тој се состои од преносен склоп на троножец на кој се наоѓа борбен пункт за нишанџии со апаратура за командување и механизам за пукање, како и со ракета која се наоѓа во херметилки затворен транспортно-лансирен контејнер. Ракетата кон целта се насочува полуавтоматски. Во зависност од варијантата на ракетата, максималната далечина на гаѓањето достигнува 2-4 километри. Гаѓа статични, но и подвижни цели (успешно може да погоди мета со големина на автомобил која се движи со брзина од 60 километри на час). Во зависност од типот на ракетата, неговата кумулативна боева глава може да пробие и до 600 милиметри тенковски оклоп (варијантата 9М113М Конкурс-М е опремена со тандем-кумулативна боева глава која може да пробие и до 800 милиметри оклоп кој е заштитен со реактивни плочи).
Советското противтенковско ракетно вооружување се покажа како мошне ефикасно, констатира германскиот новински портал „Дие Велт“ и пренесува: „тоа буквално го уби митот за неуништливоста на германските тенкови“. Голем број од овие тенкови во буквална смисла се распаднаа по активацијата на магацинот со муниција (инаку ваков проблем имаат и советските тенкови на база на тенкот Т-72 што од запад е проследено со извесна доза на „потсмев“ со напомена дека тоа на нивните тенкови никогаш не може да им се случи). Особено слаба оклопна заштита е регистрирана на страничниот дел од тенкот, каде практично секој погодок би бил фатален за тенковите од типот Леопард-2А4.
„Овие видеоматеријали кои ни доаѓаат од Сирија, а на кои се гледа уништување на германските основни борбени тенкови Леопард-2А4 од страна на противтенковските ракети од советско потекло и не е некоја особена сензација“, изјави познатиот руски воен експерт Виктор Мураховски, и додаде дека „ниту еден современ тенк кој во моментов се наоѓа во оперативна употреба нема способност да издржи погодок од противтенковска ракета отстрана и притоа да преживее. Ниту на еден тенк, освен на рускиот тенк од новата генерација Т-14 „Армата“ не е решен проблемот за заштита на екипажот од експлозија на внатрешниот магацин со муниција. Не треба да се заборави дека борбените карактерисрики на германските оклопни машини се засновуваат на технолошки решенија од осумдесеттите години од минатиот век“.
Од друга страна, противтенковските ракетни системи многу побргу се развиваа од тенковите. По системот 9К111 „Фагот“ се појави противтенковскиот ракетен систем „Метис“ кој покрај уште посовршената тандем-кумулативна боева глава со поголема пробојност, поседува и термобарична боева глава која е исклучително ефикасна против „помеките“ цели. По него се појави и нешто потешкиот противтенковски ракетен систем со ознаката „Корнет“ кој кон крајот на деведесеттите години од минатиот век беше примен во вооружувањето. Овој систем, за разлика од претходните два, ја насочува ракетата со помош на ласерски сноп. Неговата најнова модификација може да соборува и воздупни цели, а максималниот дострел на ракетата изнесува цели 10 километри. Не треба ни да се споменува каков пробоен ефект остварува тандем-кумулативната боева глава со калибар од 152 милиметри.
Покрај тероризирањето на германските тенкови низ Сирија, 9К111 „Фагот“ ја покажа своојата сила и на проторите на Јемен каде омилен десерт му е американскиот тенк М1А2 Абрамс. Во текот на 2015 година јеменските Хути со овој систем уништија неколку тенкови од овој тип кои се наоѓаа во вооружувањето на саудиската армија.